Во декември годинава се навршуваат 100 години од формирањето на Кралството СХС, т.е. почетокот на Југославија.
Џозеф Писнети, јутјубер попознат по својот канал ReallifeLore, направи мала анализа за тоа како би изгледала една денешна Југославија, создадена од денешните земји. Нема да навлегуваме во тоа како Писнети ги добил бројките и колку е квалификуван (сепак ова не е научна, туку YouTube анализа), но сигурно се доволно прецизни за да можеме да си направиме малку бајрам со умот на темата. Кога тоа го тргнавме настрана, да почнеме:
Дали новата Југославија ќе има 6 или 7 земји, ќе зависи од тоа кого ќе прашате (т.е. кој го признава, а кој не го признава Косово). Друг симптом на тоа дека ќе има проблеми е и тоа што 2.4% од територијата на Босна и ден денес е покриена со мини останати од војните пост распадот.
Како и да е, денешна Југославија ќе има 21.412.000 жители, со што ќе биде осма во Европа по бројот на население. Сепак, тоа е помалку население во однос на Југославија од 1991 година – 23.210.000 жители. Еве интересен факт: Сите земји во рамките на поранешна Југославија денес имаат негативен наталитет, освен Македонија.
Економски гледано, тоталниот БДП на таа нова Југославија би изнесувал околу 191,05 милијарди долари, со што би биле 53-та најголема економија во светот. И пак би биле зад Грција, која е 51-ва, со БДП од 194 милијарди долари.
По територија, Југославија би била колку Британија, но со три пати помалку население (Британија има 65.640.000 жители).
Етнички гледано, 35% од новите Југословени би биле Срби, 20% – Хрвати, 11% – Албанци, 9% Босанци, 8% Словенци, 6% Македонци, 1% Црногорци и 10% други.
Религиски гледано, пак, 43% би биле православни христијани, 27% би биле католици, 22% муслимани, а останатите 8% би вклучувале атеисти, агностици и други вери.
Од воен аспект, Армијата на новата Југославија би имала скромен буџет од 2.2 милијарди долари, а не би била ни нешто многу бројна – 228.000 војници (сосе резервисти). Слична бројка има и британската – 234.000 војници (но како што рековме, од трипати поголема популација).
Скопје ќе биде петтиот најголем град. Само Белград и Загреб ќе бидат градови со над милион жители.
На крајот, сумира Писнети, кога хипотетичката нова Југославија би станала реалност, веројатно би имала многу повеќе проблеми отколку решенија.