Со иминентната доминација на самовозечките автомобили, неизбежно е да настанат и темелни промени во начинот на живот кај луѓето. Според една нова студија, такви промени нé чекаат и самиот однос на луѓето кон сексот.
Со релативната приватност што ќе ја нудат целосно автономните автомобили (немање потреба од проѕирни стакла, на пример), и без потребата од посветување внимание на патот, сексот во движење веројатно ќе стане вообичаена појава, пишува Скот Коен од Универзитетот во Сури во истражувањето објавено во журналот „Анали на туристичкото истражување“ (прикладен наслов, нема што).
Во студијата се разгледуваат разните податоци и аспекти на автономните автомобили и градовите, а целта е да се идентификуваат идните трендови кои ќе ја променат туристичката индустрија.
Се прашувате каква врска имаат туризмот, автономните автомобили и сексот? Два збора: секс-туризам.
Како што се образложува во студијата, околу 60% од Американците веќе имале секс во автомобил. Но со автономните автомобили нема само паровите да бидат тие што ќе се впуштаат во акција во текот на возењето. Коен, на пример, смета дека автономните возила ќе станат новото место за секс туризам:
„Сексот е дел и од урбаниот туризам, а дел од тоа е и комерцијализираниот секс, па многу е веројатно дека автономните возила ќе ја поведат проституцијата, легална или нелегална… На местата каде проституцијата е легална и каде прописите го поддржуваат технолошкиот напредок, секс туризмот ќе заврши на тркала“.
Сепак, Коен не верува дека тоа ќе се случи пред 2040-тите.
Од друга страна, секс туризмот е само мал дел од истражувањето. Кога автономните возила ќе постанат мејнстрим, многу е веројатно дека ќе бидат дизајнирани како за секс, така и за спиење и јадење. Коен смета дека тоа ќе се одрази и на хотелите, а посебно на мотелите и попатните одмаралишта, со оглед на тоа дека луѓето едноставно ќе спијат и одмараат додека патуваат. Дел од бизнисот можат да изгубат и такси службите, туристичките автобуси и слично, па дури и рестораните.