Како 50 Cent заработи, а Снуп Дог пропушти милиони долари од Биткоин

Во средата раперот Фифти Сент се пофали дека случајно заработил неколку милиони од неговата одлука да прифаќа Биткоин како форма на плаќање за неговиот албум од 2014-та –  Animal Ambition. Друштво можеше да му прави и Снуп Дог, ама ништо од тоа.

„Џекпотот“ на 50 Cent е резултат на вртоглавиот скок на цената на Биткоин. Фифти имаше остварено околу 450.000 долари од продажба на албуми од корисници на Биткоин, $450.000 кои во средината на 2014-та значеа дека имаш 700 биткоини. Ама сега, кога цената скокна од 662 до горната граница на 11.000 долари, долго заборавениот Биткоин „валет“ (паричник) на Фифти тежи околу 8 милиони долари.

Сега за Снуп. Седум месеци пред 50 Cent да го извади албумот Animal Ambition, Снуп Дог се пофали со истата идеја на Твитер, но веројатно со прилична доза на сарказам (тешко е да знаеш дали Снуп е саркастичен или само луд… или напушен):

„Мојот следен албум ќе биде достапен во Биткоин, а ќе биде доставуван со дрон“.

Биткоин компаниите, како CoinBase и BitPay – докажани во храброста и тоа да не одбиваат бизнис прилики, веднаш му твитнаа одговор на Снуп со понуда неговиот твит да го преточат во реалност. Снуп им врати да му пишат во приватна порака, и таму заврши. Снуп не се ни помачи да им одговори на понудата на Skycatch, компанија која се бафта со дронови и во случајов сакаше да го доставува албумот на Снуп.

Колку рековте дека сум пропуштил? Daaaamn…

Колку му клизнаа од раце? Inverse се понуди да пресмета, со тоа што го предупреди Снуп да не чита. Вака:

Animal Ambiton на Фифти се продаде во вкупно 205.000 примероци, во споредба со 250-те илјади на Bush – албумот на Снуп Дог објавен во 2015-та. Ако Снуп го оствареше истиот процент на биткоин продажба, 450-те илјади долари на Фифти во неговиот случај ќе беа 550.000 долари.

Најболното е што во мај 2015-та Биткоин беше всушност многу поевтин отколку во јуни 2014-та кога се продаваше албумот на Фифти. На 12 мај цената беше 241 долари, во споредба со 662 долари година претходно. Тоа значи дека Снуп ќе имаше 2.282 биткоини.

Можеше…

Со моментална цена од 11.140 долари по Биткоин, тоа значи дека Снуп пропуштил да спечали 25.4 милиони долари.

Ех, ако само си го оствареше ветувањето… Дури и на неговите 135 милиони проценето богатство, сума од 25 милиони воопшто не е мала. Од друга страна, можеби толку ќе чинеше доставата на сите тие албуми со дрон, којзнае…

- Реклама -