Рикардо Кака се наоѓа во незавидна ситуација откако раководството на Милан и дефинитивно се откажа од намерата да го врати на „Сан Сиро“, стадионот каде што бразилскиот ас ги мина најблескавите моменти во својата кариера.
Некогаш најдобриот светски фудбалер сега премногу ретко добива шанса од Жозе Мурињо, а неговата минутажа дополнително ќе се намали со пристигнувањето на Лука Модриќ во Мадрид.
Јасно е дека Кака би сакал да си замине од Шпанија, но реално мал е бројот на клубовите што би се согласиле да ја покријат неговата плата од 12 милиони евра по сезона. Сепак, неговата сопруга верува дека „Кралевите“ ќе му излезат во пресрет на Кака и ќе дадат зелено светло за негово враќање во Сао Паоло.
„Сите сакаме да се вратиме во Бразил, сметаме дека тоа е најдоброто место за живот за нашето семејство, но и најдобра дестинација за кариерата на Кака. Знаеме дека Сао Паоло сè уште е заинтересиран и убедена сум дека ќе биде постигнат договор за да се преселиме назад во овој град. Тоа би била најдобра варијанта за сите. Понудите од останатите земји нема да ги земаме предвид, бидејќи желба на Рикардо и на целото семејство е сите заедно да отпатуваме за Бразил“ изјави сопругата на Кака, Каролина Селико.