Секогаш кога нов iPhone излегува на пазарот, пред продавниците на Apple станува вообичаена тажната глетка на редици од луѓе кои чекаат да ги купат првите примероци. Некои од нив таму спијат и со денови. Но зависно од тоа каде се наоѓате, некаде редиците имаат помалку, а некаде повеќе смисла.
Тоа е така затоа што цената на iPhone-ите страшно варира од земја во земја, па ако веќе сте запнале да купите, гледајте тоа да го направите во САД, Јапонија или Хонг Конг. Ако сте Бразилец или Турчин, така ќе заштедите накај 300 долари (270 евра.)
iPhone 7 конкретно, е најевтин во САД (815 долари), Јапонија (815 долари) и Хонг Конг (821 долари). Најскап е во Турција (1.200 долари), Бразил (1.115 долари) и Русија (1.086 долари). Со други зборови, iPhone 7 во Турција е речиси 50% поскап отколку во САД. Разликата во цената, конкретно во Турција, се должи на политичката нестабилност и поскапувањето на доларот во однос на другите валути, меѓу кои и турската лира.
Податоците се наведени во извештајот „Мапа на цените во светот 2017“, кој секоја година го составуваат економистите на Deutsche Bank.
Во истражувањето се земаат во предвид и цените на над 20 други репрезентативни производи, како Coca-Cola, пар фармерки, хотелска соба или билет за кино. Во истражувањето се вклучени 47 градови во светот.
Поради својата популарност, iPhone полека го презема приматот од таканаречениот „Big Mac“ индекс кој се користеше до неодамна – при кој цените во одделните земји низ светот се споредуваа преку цената на хамбургерот Bic Mac на McDonald’s. iPhone е на пат да стане и попопуларен, и порелевантен репер.