Каде одат напуштените точаци…

Сликава може да ви заличи на сé, ама никогаш на тоа што навистина е – 84.000 точаци и рамови од точаци, оставени во поле во градот Хангжу во провинцијата Жеџианг во Источна Кина.

Сите овие точаци некогаш им припаѓале на компании за рентање велосипеди, чија популарност во Кина и во моментов е во пораст. Но сите овие велосипеди се напуштени.

И овие компании во Хангжу функционираат на вообичаениот принцип – го земаш точакот од еден пункт, го возиш до кај ти треба, и таму го оставаш на најблискиот пункт; кој е еден од вкупно 2.700-те станици во градот.

Но очигледно, самите велосипедисти не функционираат така. Напротив, многу често ги оставаат точаците каде ќе им текне, во истиот момент кога веќе не им се потребни. Компаниите, од друга страна, бавно реагираат во тоа да си ги приберат изгубените велосипеди, оставајќи ги да рѓосуваат некаде по улиците.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

На крајот, сето тоа завршува во рацете на полицијата, која пак ги складира во „гробиштата за велосипеди“ што ги гледате на сликите.

Не е јасно што ќе се случи со сиот овој отпад. Кинеската влада повеќе размислува околу тоа како да ја регулира индустријата за да спречи ова да се случува и во иднина.

Во меѓувреме, овие слики нé потсетуваат колку расипнички се однесува човештвото и зошто не можеме да имаме „убави нешта“, што би рекле на интернет. А и дека и отпадот знае да биде убав на око.

- Реклама -