Каде е усвет?

anons_317[1]

Не ти треба многу долго да патуваш со брод и да се одалечиш од брегот за да почнеш да се чувствуваш изолиран и осамен. Следејќи некоја таква логика, најосамен и најизолиран, а сепак на планетава, е тој човек што се наоѓа на точка што е најодалечена од копно, во сите правци. Е таков усвет човек може да фати единствено на Point Nemo, место за кое и буквално важи фразата „среде океан“. Се наоѓа во Пацификот и познато е уште и како „Океански пол на непристапноста“, бидејќи е најодалечената точка од цивилизација на планетата.

Колку оддалечена? Околу 1450 наутички милји (од копното). Лежи во самиот центар на триаголникот кој би бил опишан ако ги поврзете Ducie Island, Moto Nui и Maher Island. Самата точка е лоцирана не многу одамна – дури во 1992-та, бидејќи претходно човештвото ја немаше потребната технологија за мапирање и геотаргетирање.

Освен фиктивната точка на мапата, на местото Point Nemo нема ништо интересно, освен можеби името, кое доаѓа од замислениот капетан Немо од романот на Жил Верн. Истото тоа име, во превод значи и „никој“, што е баш супер опис за местово, нели.

Од друга страна, ако сте по книгите, под површината на водата на оваа локација ќе најдете цел еден град полн со трупови, бидејќи „Океанскиот пол на непристапноста“ е исто така и дом на страшниот бог Ктулу од романот на Хауард Филипс Лавкрафт („Повикот на Ктулу“). Лавкрафт го има поставено фиктивниот град R’lyeh на мапата уште пред да биде идентификуван Point Nemo, и тоа прилично блиску до вистинската точка. Потоа неговиот издавач Дерлет имаше малку поинаква замисла, па ја помести точката, макар што таа на Лавкрафт е поблиска со денешната.

usvet

Како и да е, таму нема ништо, барем немаше додека не се случи нешто многу мистериозно – само 5 години откако беше идентификувана точката, океанографите во тој реон снимија еден од најмистериозните звуци во историјата на наутиката – таканаречениот The Bloop. Овој ултра-нискофреквентен звук беше пренизок за да постои можност дека е произведен од некое океанско суштество, макар тоа било и најголемото познато – синиот кит. Фановите на Лавкрафт се порадуваа/подисплашија, ама за кратко: се покажа дека звукот дошол од пукањето на мразот на Антарктикот и одделувањето на голема санта мраз.

- Реклама -