Јужна Кореја ќе гради 120-метарски еко-мост за животни

Проектот на архитектите од KILD е победник на дизајн натпреварот во Yangjaegogae за избор на најдобар дизајн за еко-мост, кој ќе им овозможи на дивите животни безбедно да поминуваат преку еден прометен автопат во близина на Сеул во Јужна Кореја.

За разлика од другите вакви мостови низ светот, овој е слеан со природната косина на теренот, поточно со двете планини што ќе ги поврзува. Па така, горниот дел од мостот е претопен со околината и е наменет да им даде приоритет на животните. Но истовремено, долниот дел ќе биде рамна патека за пешаци. Сé тоа ќе биде покриено со локална вегетација.

Дизајнот е инспириран од корејските пејзажи и ја следи традицијата на корејските градини, кои секогаш настојуваат да бидат споени со природата.

Ќе биде долг нешто над 120 метри, со интегриран систем за собирање и дистрибуција на дождовна вода, со цел самоодржливост на зеленилото на истиот. Ќе има и ненаметлива метална безбедносна ограда, а ќе биде поставен на оптималната висина, за да се избегне загадување од сообраќајот под него.

 

 

- Реклама -