Уставниот суд во Јужна Кореја го укина контроверзниот закон за неверство, кој во текот на повеќе од 60 години криминализира вонбрачен секс, а прекршителите добиваа до 2 години затвор.
Деветте судии одлучија со 7 спроти 2 гласа, дека законот од 1953 година, ги бранеше традиционалните семејни вредности, е неуставен.
„Иако неверството е неморално, државната власт не треба да се меша во приватниот живот на луѓето”, изјави претседателот на судот Парк Хан-Чул.
Ова е петти пат, кога судот размислува дали овој закон е во согласност со уставните норми. Ваквиот закон ја направи Јужна Кореја една од ретките немуслимански земји кои го доживуваат неверството како кривично дело. Во последните 6 години речиси 5500 луѓе биле обвинети за неверство. Но, оваа бројка се намалувала постепено пд година во година.
Имено, во 2004 година 216 лица биле затворени поради овој закон, во 2008 година нивниот број се намалил до 42 лица, а од тогаш само 22 прељубници западнале зад решетки, според статистичките податоци на државното обвинителство. Ова делумно е одраз на променливите општествени трендови во земјата каде брзата модернизација често се судира со традиционално конзервативните норми.
Според законот од 1953 година, обвинувањето за неверство започнувало со жалба од засегнатата страна, со тоа што случајот завршува веднаш, ако тужителот го повлече обвинението – честа појава која редовно вклучува финансиски договор.
Законот се заснова на верувањето дека неверството му штети на семејството, но тој беше критикуван како морално застарена и како државна интервенција во приватноста на луѓето.