Јувентус повторно шампион на Италија

Во 37-то коло од Серија А, Јувентус ја освои титулата, за првпат по враќањето во најсилната италијанска лига, по скандалот Kалчополи. Ова е вкупно 28-мо скудето за најтрофејниот клуб во Италија.

Јувентус повторно се наоѓа на тронот на италијанскиот фудбал, откако избраниците на Антонио Конте ја осигураа шампионската титула на едно коло до крајот на сезоната во Серија А. Откако во вечерашните дуели влегоа со предност од еден бод во однос на Милан, фудбалерите на „Старата дама“ славеа со 0:2 на гостувањето против Каљари, а во прилог им одеше и поразот на Милан од 4:2 на градското дерби со Интер.

Јувентус рутински си ја заврши работата на дуелот со Каљари што се одигра на неутрален терен во Трст, па на овој стадион далеку побројни беа навичите на најтрофејниот италијански клуб, кои што заедно со своите миленици се радуваа и на големиот успех и освоеното скудето. Мирко Вучиниќ на самиот почеток го отвори резултатот во корист на „Старата дама“, пред Канини со автогол да го измами сопствениот голман и да ги разреши дилемите околу победникот.

По 37 одиграни кола Јувентус сè уште нема претрпено ниту еден пораз, па со скор од 22 победи и 15 нерешени, сосема заслужено се закитува со шампионската титула.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -