Јувентус направи голем чекор напред кон обезбедување пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите, откако вечерва во фантастичен меч го совлада Челзи со 3:0.
Овој триумф на италијанскиот првак е апсолутно заслужен, ако се знае дека избраниците на Антонио Конте доминираа на теренот од првата до последната минута, создадоа десетина одлични шанси, а само поради одличната форма на Петр Чех и неефикасноста на домашните напаѓачи триумфот не беше многу поубедлив.
Фабио Кваљарела со доста среќа го отвори резултатот откако ја закачи топката по ударот на Пирло и го измами Чех, додека вториот погодок беше на Видал, којшто со гол ја круниса прекрасната акција на „Старата дама“.
Точка на големиот триумф стави Џовинко, кој влезе во игра во второто полувреме и ја смести топката крај истрчаниот Чех во неговата празна мрежа. Јувентус сега се наоѓа на второто место во групата со девет бода, еден помалку од Шахтиор.
Интересно е што во последното коло во Доњецк се среќаваат токму овие два тима, а со евентуално реми и Шахтиор и Јуве би оделе понатаму, а Челзи како актуелен европски првак веќе во првата фаза би ја завршил одбраната на титулата.