Почна вториот ден на самитот на лидери на земјите на Европската Унија во Брисел, а повторно во центар на вниманието е претседателот на Европската Комисија – Жан Клод Јункер.
При пристигнувањето на шефовите и премиерите на државите, јасно се виде разликата меѓу Јункер и останатите; додека овие фино и пристојно се поздравуваат без многу физички контакт, Јункер пристигнува како рок ѕвезда. Срдечно поздравување, бакнежи, шеги, а на една од соработничките дури ѝ ја растури и косата, оставајќи ја по малку и посрамена.
Но за Јункер тоа е ситна боранија, особено во споредба со другите блескави моменти во последно време на светската политичка сцена. Како кога наеднаш ја напушти конференцијата за новинари во Брисел, наводно поради чевлите со различна боја, или кога пред неколку месеци пред гала вечерта на лидерите на НАТО губеше рамнотежа и мораа да го држат претседателите, наводно бидејќи бил пијан.