На 33 лица кои биле вработени, преку АПВ, во ЈП Комунална хигиена-Скопје, кои месеци и години земале плата а не оделе на работа, денес им завршија договорите и истите не се продолжени, информираат од јавното претпријатие.
„Во ЈП Комунална хигиена-Скопје мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и исполнување на нашите обврски кон граѓаните“, се вели во соопштението.
Истовремено, од КХС информираат дека против вработената која денес предизвикала инцидент веќе е отпочната дисциплинска постапка.
Имено, како што соопштија од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во реакција за малтретирани новинари од страна на службеници во претпријатието, службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето денеска сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.
„Според колегите, овој скандалозен настан се случил денеска во просториите на ова јавно претпријатие во Скопје. Во овој инцидент, службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на КХС, против волја на двајцата новинари, ги задржале во просториите на оваа институција и истите биле ослободени дури откако пристигнале припадници на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од новинарот Тахири“, информираа од ЗНМ, додавајќи дека Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и истите имале обврска да одговорат на новинарските прашања. Од ЗНМ, притоа, побараа МВР да го истражи овој случај, но и новоназначената директорка на оваа институција – Косана Мазнева, итно да ја испита постапката на вработените и да покрене дисциплински мерки во рамки на своите законски надлежности.
„Работниот процес мора да се одвива професионално и со почит кон секој. Претпријатието е отворено и транспарентно за сите граѓани и медиуми и во иднина нема да се дозволи недолично или несоодветно однесување во Претпријатието, а сѐ во насока на имплементација на реформи за подобри работни процеси во интерес на граѓаните“, се вели во соопштението од ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ во однос на инцидентот и отпочната дисциплинска постапка против вработената.