Судијката го прекина денешното рочиште откако и Јовановски и Катица Јанева се пожалија дека не им е добро
Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, на крајот на денешното судско рочиште на судијката Васка Николовска-Масевска на лист хартија ѝ предаде на рака напишано писмо до републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
„Барам да бидам изведен пред републичкиот обвинител. Се работи за наводите за кривичните пријави што ги најавив вчера“,
рече Јовановски потенцирајќи дека, меѓудругото, станува збор и за пријавата за обвинителката Вилма Русковска.
Тој вчера јавно ја обвини велејќи дека има несоборливи докази за корупција тешка 4 милиони евра.
Русковска, пак, денеска беше присутна во судницата, но не прокоментира ништо.
Вчера, а и денеска таа во изјава ги охрабри сите што имаат докази да ја пријават во МВР потенцирајќи дека верува оти Министерството професионално ќе си ја заврши работата.
Писмото Боки го предаде на крајот на рочиштето на кое се презентираа материјалните докази.
Материјалните докази ги презентираше обвинителката Ивана Трајчева. Последни се презентираа фотографии од одземените парчиња гардероба на обвинетиот кои биле спакувани во 71 вреќа и предадени на чување во Агенцијата за управување со недвижен имот.
Судијката го прекина денешното рочиште откако и Бојан Јовановски и Катица Јанева се пожалија дека не им е добро.
Следното рочиште е закажано за утре.