Јовановски: Грешка ќе биде сега да прифатиме било каков анекс или патоказ со кој бугарските барања би станале дел од преговорите

„Бугарија нема поддршка од другите земји на ЕУ. САД порачаа (Рикер, Палмер) дека преговорите со ЕУ треба да почнат во декември, а било какви отворени прашања треба да бидат разгледувани билатерално, меѓу двете земји, значи НАДВОР од процесот на преговори со ЕУ. Тоа значи, притисокот е врз Бугарија, а не врз нас. Напишав и пред извесно време, ние треба да играме смирено и паметно“, пишува на Фејсбук Зоран Јовановски, некогашен потпретседател на СДСМ и актуелен главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора за економски прашања.

Според него, грешката што сега може да се направи е да се прифати нешто (патоказ, анекс, било што) со што барањата на Бугарија би се внеле во преговорите, односно тие барања би станале дел од условите во преговорите.

„Со тоа, барањата на Бугарија, од нејзин проблем, би станале проблем на ЕУ, а со тоа и наш. Тоа би била голема грешка што нема да може да се поправи, без оглед на почетокот на преговорите“, оценува Јовановски.

Во еден друг, неодамнешен пост, Јовановски посочи дека желбата за членство во ЕУ не треба да ја надвладее желбата за следење на линијата на здравиот разум:

„Јас сум многу повеќе за членство во ЕУ од некои што денес за тоа се удираат во гради, но тоа мора да се случи на принципиелна основа, согласно европските вредности.

Целта на евроинтегративниот процес е ДА СЕ СТАНЕ ПОЛНОПРАВНА ЗЕМЈА ЧЛЕНКА НА ЕУ.
Целта на евроинтегративниот процес НЕ Е САМО ДА СЕ ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ“, истакна тој, додавајќи дека не смеат, во името на само почеток на преговорите, да се прифатат неприфатливи услови:

„Затоа не смеат да се прифатат неприфатливи услови само за да почнат преговорите. Процесот треба да започне чист, на принципиелна основа, согласно европските вредности, и да заврши чист.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Ако сега се прифатат неприфатливи услови само за да почнат преговори, со цел тоа да се прикаже како херојство, тогаш само ќе се одложи проблемот, ќе се префрли жешкиот костен на идните генерации да ги решаваат неприфатливите услови, со сите ризици на крајот воопшто да не станеме членка. И, притисокот веќе нема да биде врз соседот, кому денес никој во ЕУ не му ги прифаќа условувањата, туку ќе се префрли врз земјава.

Јас се согласувам дека ова е време на храбри одлуки. Само би додал. ХРАБРОСТА Е ВО ДОСТОИНСТВОТО И ПРИНЦИПИЕЛНОСТА!“, порача неодамна Јовановски.

Во октомври, пак, тој го проблематизираше и самиот чин на преговорите:

„Во одредени ситуации, еден од триковите кај преговарачките вештини е да ја убедиш другата страна воопшто да влезе во преговори за нешто за што таа воопшто не смее да преговара.
Ако успееш да го направиш тоа, и другата страна влезе во преговори во кои не би смеела да влезе, не е важно каков договор/компромис на крајот ќе се направи, ќар си“, посочува тој.

Во своето последно обраќање, Јовановски потенцираше и дека неговите ставови во однос на преговорите немаат никаква партиска позадина:

„И уште нешто. Гледам дека разни политички субјекти и медиуми моите ставови ги ставаат и користат за својата партиска агенда. Во врска со тоа можам само да потсетам дека излегов целосно од политиката во 2013 година и не сум дел од било какви партиски битки. Моите ставови се само мои, натпартиски и македонски“, категоричен е Јовановски.

- Реклама -