Поранешниот советник на поранешниот министер за финансии – Драган Тевдовски, Бранимир Јовановиќ, се огласи со остри критики за одлуката на Владата да ја стави во мирување даночната реформа и да го замрзне прогресивниот данок до 1 јануари 2023 година, со што платите над 90.000 денари нема да се даночат со 18%, туку со 10%, приходите од закуп од 15% паѓаат на 10%, а се одложува и даночењето на капиталните добивки и на каматите на штедните влогови.
Со ваквиот потег, Владата ќе им даде 30-40 милиони евра на најбогатите 1% во државата и покажува дека наместо за граѓаните, всушност се грижи за богаташите, смета Јовановиќ.
„Да бидеме начисто. Со одлуката да го ‘одложи’ прогресивниот данок, Владата ќе им даде 30-40 милиони евра на најбогатите 1% во оваа држава. Не на сиромашните, не на работниците, не на земјоделците, не на студентите, не на младите, туку на Заевци, Кочовци, Нини, Камчевци и Мијалковци.
И, ок, легитимно е. Легитимно е, па и логично, Влада водена од богаташи, да се грижи за богатите, а не за сиромашните“, пишува Јовановиќ, и додава:
„Ама немојте да кажувате дека сте левичари и дека се залагате за социјална правда. Немојте да зборувате дека се залагате за подобро здравство, подобро образование и еднакви можности за сите. Немојте да тврдите дека се застапувате за сиромашните, работниците, земјоделците, студентите, обичните луѓе, народот.
И немојте да ги барате нивните гласови на следните избори. И немојте да се изненадите кога тие нема да гласаат за вас. И кога ќе завршите неславно, како најкратката Влада во историјата на оваа земја. Зашто, како што кажал нашиот народ, што сеете, тоа и ќе жнеете“.