На Стане Доланц и на генералот Никола Љубичиќ им бев пречка да ја преземат власта во Југославија. Доланц сакаше да се реши од мене затоа што знаев дека дека е член на Хитлерјугенд, тврди Јованка Броз за српскиот весник „Новости“.
Вдовицата на Јосип Броз Тито за прв пат јавно проговори за принудната изолација. Капката која ја прелила чашата е неодамнешниот грабеж во кој, како што тврди, и се украдени скапоцена кинеска вазна, накитот и дел од личните белешки и преписки со луѓето од врвот на некогашна Југославија.
„Сега ќе мора да размислат оние кои со децении ме заплашуваат и кои го наредија неодамнешниот грабеж во куќата. Станува збор за групата која мене и Тито нѐ стави во домашен притвор, за да можат на мир да ја распарчат Југославија“, вели Јованка Броз.
„Големите сили неколку години пред смртта на Тито почнаа да работат на распаѓањето на Југославија, а луѓето кои ме ставија во изолација се извршители на наредбите на големите сили, а тие држави и нивните агенти ниту денес не сакаат да се објави вистината и затоа ме малтретираат“, тврди вдовицата на Тито.
„Стане Доланц и генералот Никола Љубичиќ на Тито му ставаа пиштол на глава и бараа да се разведе од мене, но тој не се согласи ниту по цена на животот. Им бев пречка, пред сѐ на Доланц, а во добар дел и на Љубичиќ, во намерата да ја преземат власта во Југославија криејќи се позади Тито. Збореа: Лесно ќе се справиме со Стариот, но со Јованка не можеме да излеземе на крај. Доланц сакаше да се реши од мене, бидејќи знаев дека е член на Хитлерјугенд и дека работеше за германската тајна служба“.