Јотова за Македонија: Во 21 век треба се зборува за мир и просперитет, а не „да се присвојува историјата, да се делат херои, да се гази етничката припадност“

„Историјата ни е заедничка – таа може само да обединува, а не да разделува“, изјави потпретседателката на Бугарија на форум денеска во Софија под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев.

Во 21 век, рекла Јотова, треба да се гледа кон иднината.

„Во 21 век разговорот не треба да биде каков што беше. Нашата заедничка судбина нè повикува денес да живееме заедно, стремејќи се да обезбедиме мир и просперитет за себе и за нашите деца. Како да ги натераме нашите деца да останат овде, да го развиваат својот талент и вештини, да останат во својата татковина, да не бегаат во други поразвиени земји да ја бараат својата иднина таму. Како да работиме за нашиот заеднички развој, како нашите проекти да не останат само во теорија, туку проекти кои имаат своја одржливост“, истакнала бугарската претседателка.

Како што пренесува МИА, Јотова подвлекла дека таков требало да биде разговорот во 2023 година, а не „да се присвојува историјата, да се делат херои, да се гази слободното изразување на етничката припадност и пред сè да не се почитуваат човековите права“, очигледно алудирајќи на Македонија.

„За човековите права се зборува како луксузна политика. Од нас зависи оваа опасна и вознемирувачка тенденција да биде прекината и да не гледаме во старите документи туку во проблемите на луѓето. Да подаваш рака на слабиот е израз не на слабост, туку на сила“, рекла таа.

Јотова истакнала дека постојана тема, вклучително и на денешната конференција, е иднината на Западен Балкан, особено во контекст на руската војна во Украина и нејзините последици. Не може да има сигурна и стабилна Европа без нејзино проширување во правец на Западен Балкан, заклучила бугарската потпретседателка.

Иронично, таа зборувала и за „желбата на големите сили да избришат дури и цели народи“ и нивните обележја.

„Војната во Украина е нова линија на поделба која повторно ги буди старите стравови во балканските земји. Повторно се зборува за сфери на влијание, поделеност, двојни стандарди. Политиката на ЕУ кон Западен Балкан е премногу нестабилна. Измешаните сигнали предизвикуваат дополнителна недоверба во овие земји“, коментирала заменичката на Радев.

Според неа, Балканот никогаш не бил спокоен векови наназад, а и денес „паѓа во канџите на различни геополитички интереси“.

„Само ние ги знаеме последиците од поделбата на сферите на влијание, од прекројувањето на границите, од желбата на големите сили да избришат дури и цели народи, јазици, традиции, минатото и нивната историја“, заклучила таа.

Според неа, „во средина на негирање“, големото е отсуството на дијалогот.

„Недостасува најважното, да се седне на иста маса со истомисленици, но и со противници, да се разменуваат позиции, да се води дискусија која се води со аргументи, а не со квалификации. Само така може да се родат добри идеи и работни решенија“, порачала Јотова.

- Реклама -