Јотова од Охрид: Никој и никогаш не барал Бугарија да признае какво и да е малцинство, во Стразбур се почитува бугарскиот Устав

„Во бугарскиот устав нема малцинства и тој почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното. Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот“, изјави потпретседателката на Бугарија – Илијана Јотова, зборувајќи за барањата за признавање на македонските здруженија во Бугарија, при денешната посета на Охрид. Јотова во Охрид го посети Дневниот центар за деца со аутизам финансиран од бугарската влада како дел од програмата на бугарското МНР – „Бугарска развојна помош“, а присуствуваше и на отворањето на канцеларија на Културно информативен центар на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“.

Во однос на тоа дека Бугарија бара признавање на правата на Бугарите во Северна Македонија, додека од друга страна не ги признава правата на Македонците во Бугарија за што има и пресуди од судот во Стразбур, Јотова, рече „ние немаме малцинства во нашата земја, додека кај вас е различно и, како што видовме со последниот попис, сте една повеќенационална земја“.

„Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав“, изјави Јотова.

Јотова, исто така, нагласи дека Бугарија ќе продолжи да работи за заштита на правата на бугарските граѓани во земјава и дека Бугарија нема да каже „да“ за членство во ЕУ сѐ додека овие прашања не бидат регулирани.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

„Кога зборуваме за гаранции, тие не може да бидат усни. Пет години по потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не е направено. Така што, за нас, најсериозните гаранции ќе бидат гаранциите на Бугарите во Уставот на Северна Македонија“, изјави Јотова.

Прашана дали главниот проблем за тргање на бугарското вето за Северна Македонија во ЕУ е впишувањето на Бугарите во уставот на земјава, Јотова рече „не е само тоа“.

„Ако добро го познавате Договорот за добрососедство меѓу двете земји ќе знаете дека ништо по тие прашања внатре не е направено во последните пет години. Прво, поставените услови за одредени текстови во учебниците од средно, кои треба да бидат дефинирани од Историската комисија меѓу двете земји и тие соодветно да бидат вметнати во учебниците. Второ, ние бараме отворање на архивите за случаите со лицата кои покажале бугарска самосвест и на трето место, тоа што за мене е исклучително важено, е скрнавењето на спомениците“, изјави Јотова.

Во однос на членството на земјава во ЕУ, Јотова посочи дека станува збор за исполнување критериуми на патот за членство, исто како и секоја друга земја на тој пат.

„Тие се јасно напишани во шесте кластери. Во поглавјата кои треба да се отворат со ЕК и Извештаите за напредокот на земјата. Тоа е една процедура, што се движи по сосема различна линија“, рече Јотова, зборувајќи за можноста Бугарија да го крене ветото поради војната во Украина и опасноста од прелевање и во регионот.

Во Охрид, Јотова положи и цвеќе пред спомен обележјето на 15-те бугарски туристи кои загинаа во бродска несреќа во Охридското Езеро во 2009 година.

Извор: МИА

- Реклама -