Почнувајќи од учебната 2019/2020 година, во седумте основни училишта на ниво на Центар, како изборни предмети, третоодделенците ќе имаат можност да ги изучуваат јазиците на помалите етнички заедници во Република Северна Македонија, соопшти денеска Општина Центар.
Како што соопштуваат, во мај, по препорака на Министерството за образование и наука, Општина Центар меѓу второодделенците спровела анкета за изучување на српскиот јазик, при што интерес пројавиле 153 ученици. Во септември анкетата ќе биде повторена, при што се очекува зголемен број на заинтересирани, со оглед дека, како што велат од Општината, првата била спроведена кога дел од учениците биле отсутни – на 26 јуни, денот на доделување на свидетелствата. Оттаму, од Општина Центар очекуваат во учебната 2019/2020-та да има една до две паралелки кои факултативно ќе го изучуваат српскиот јазик.
Во септември ќе биде спроведена и анкета за изучување на јазиците и на другите етнички заедници, поточно: бошњачки, турски, влашки и ромски јазик. Во зависност од интересот, и овие јазици ќе бидат воведени како изборни предмети за учениците од трето одделение, велат од „Центар“.
„Воведувањето на јазиците на помалите етнички заедници во РСМ како изборен предмет во основните училишта на територија на Општина Центар има за цел да им овозможи на децата од одредена националност и академски да го изучуваат јазикот на националноста на која и припаѓаат, но и да им даде можност на децата од другите националности да се запознаат со јазикот на своите соученици. Проектот е во насока на зближување и заедништво, мултиетничка толеранција и разбирање и изучување и запознавање на децата со што повеќе јазици уште од најрана возраст“, се вели во соопштението.