Јапонците ги гризе совест кога одат на годишен одмор

Некои работат за да преживеат, а некои други, на другата страна на планетата, живеат само за да работат.

Неодамнешните истражувања покажуваат дека Јапонците користат само половина од заслужениот годишен одмор. Океј, „користат“ баш и не е вистинскиот збор, зашто и таа една половина ја поминуваат оптоварени од грижа на совест околу тоа дека не се на работното место…

Втора година по ред јапонските работници „се на првото место на листата базирана на работни навики“ на истражувачката компанија „Експедија“. Во истражувањето се опфатени над 15.000 испитаници од 30 земји, а најмалку одмор користат Јапонците – 9 дена годишно.

Нормален човек никогаш нема да помисли дека постои друг нормален човек на кого и самата помисла на одмор од работа му е одбивна. Но ете, 63 (ШЕЕЕСЕТ И ТРИ!!!) отсто од Јапонците одговориле дека се чувствуваат виновни затоа што земале одмор.

Зад Јапонците се нивните соседи од Јужна Кореја и Сингапур – на второто и третото место, соодветно, со 61% и 35%.

Од друга страна, најмалку грижа на совест околу годишниот одмор има во Италија, Мексико и Шпанија.

Аман бе Јапонци, што ви е?

За да ги разбереме вонземјаните од Далечниот Исток, треба да ѕирнеме во причините за таа нивна грижа на совест.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

Меѓу главните причини поради кои избегнуваат годишен одмор, Јапонците го наведуваат „недостатокот на работници“, т.е. солидарноста со колегите – не сакаат да нивниот дел од работата да им биде тутнат на други. 33% од јапонските испитаници изјавиле дури и дека „не знаат“ дали нивните работодавачи би им одобриле одмор (читај: никогаш не ни побарале).

И сега? Кој е луд, ние или Јапонците? Ако солидарноста е лудило, тогаш ние немаме гајле – ментално сме здрави како дрен.

Ама сепак, глупо е да се рече дека Јапонците вака се однесуваат на своја иницијатива (поради наводни „работни навики“). Иако и тоа постои, крајниот резултат е дека секоја година стотици Јапонци се самоубиваат или умираат од мозочен или срцев удар по извесен период преоптовареност на работа. Во Јапонија тоа го нарекуваат „кароши“, а опширно на темата веќе пишувавме во статијата „Дијагноза: Умрен од преработеност“. Еден од најпознатите случаи кои ја преплави јавноста е тој на 31-годишната новинарка, која почина од срцев застој откако во само еден месец одработила 159 прекувремени часови.

И после ќе летаат дронови по канцелариите… Е па, ќе летаат.

- Реклама -