Јапонската железничка компанија WJR (West Japan Railway) ја укинува контроверзната обука за своите вработени, според која работниците, особено механичарите, мораа да клечат во ров меѓу пругите додека крај нив прошишуваат брзите возови.
Ваквата тренинг програма компанијата ја воведе во 2016-та година, како резултат на еден инцидент од 2015-та, кога метален дел се откачи од воз поради недоволно стегнати шрафови. Целта на тренингот беше да се зголеми свеста кај работниците за тоа колку е важна безбедноста, и со тоа сликовито да им се објасни колку е важно добро да ја работат својата работа.
Во теорија, ветрот од возовите додека пролетуваат со ~300 км/ч, кој механичарот го чувствува додека клечи во ров со длабочина и широчина од 1 метар помеѓу пругите, би оставил толку голема импресија врз идниот механичар, што овој никогаш нема да заборави колку се вушност моќни „чудовиштата“ што во иднина ќе ги поправа, и тоа би му бил постојан потсетник дека секогаш мора одговорно да ја сработи задачата.
Оттогаш па наваму, таквата обука ја имаат поминато околу 240 механичари на јапонската железница. Како што изјавуваат некои од тие што ја поминале, знае да трае и до 20 минути, и е многу страшно.
Токму од тие причини, т.е. поради „нехуманиот аспект“, сега, под притисок на синдикатот, железничката компанија е приморана да ја укине таквата пракса. Веројатно ќе треба да почекаме генерацијава истрауматизирани механичари да заминат во пензија, па дури тогаш да видиме дали укинувањето ќе резултира со повеќе лабави шрафови.
А Јапонија е позната по својата мрежа од брзи возови, наречена „Шинкансен“ (aka. bullet trains). Тие минуваат низ целата земја и достигнуваат брзини што се мераат со стотици километри на час. Повелете мала демонстрација (и замислете дека сте вие механичарот меѓу два воза што се разминуваат):