Јапонската серија со 25 номинации за Еми, оценета со 8.6 на IMDb

Холивудските ѕвезди вторпат оваа година ќе ја исполнат салата на Peacock Theatre во Лос Анџелес, со оглед на тоа што свеченоста која требаше да се одржи во септември 2023 беше одложена за јануари поради штрајкот на американските актери и сценаристи.

Главните фаворити за наградите се сериите „Шогун” (Shogun), „Мечката” (The Bear), „Само убиства во зградата” (Only Murders In The Building), „Вистински детектив: Ноктурно” (True Detective: Night Country), „Круната” (The Crown) и „Ирвасче” (Baby Reindeer).

Ирвасче” има 11 номинации

Шкотскиот комичар Ричард Гад, творец и ѕвезда на црната комедија и трилерот на Netflix „Ирвасче”, се натпреварува за три награди: за актерска изведба, сценарио и продукција. Неговите колеги, актерите Џесика Ганинг, која ја игра улогата на Мартa, Нава Мао и Том Гудман-Хил, исто така се номинирани во актерски категории.

Серијата доби вкупно 11 номинации, а привлече внимание во медиумите поради судска постапка покрената од жена која тврди дека нејзината приказна била инспирација за ликот на Мартa, но ја смета за неточна.

„Круната” доби 18 номинации

„Круната”, фиктивната драма за британското кралско семејство, доби 18 номинации. Имелда Стонтон е номинирана за најдобра актерка во драмска серија за нејзината интерпретација на кралицата Елизабета II во шестата и последна сезона.

Други актери, меѓу кои Џонатан Прајс (принц Филип), Доминик Вест (принц Чарлс), Елизабет Дебики (принцезата Дијана) и Лесли Менвил (принцезата Маргарет), исто така се номинирани.

Клер Фој, која ја глумеше покојната кралица во првите две сезони на „Круната”, е номинирана за најдобра гостинка актерка, по нејзиното појавување во последната сцена во која кралицата се осврнува на својот живот.

„Шогун” со 25 номинации

Поранешната главна актерка на „Круната”, Оливија Колман, е номинирана за нејзината улога во серијата „Мечката”, која има вкупно 23 номинации. Серијата „Само убиства во зградата” освои 21 номинација, но јапонската историска драма „Шогун” ги надмина сите со 25 номинации.

Серијата е базирана на истоимениот роман на Џејмс Клавел од 1975 година, кој ја прикажува историјата и ликовите од Јапонија во 1600 година.

Приказната следи двајца амбициозни мажи од различни делови на светот: Џон Блекторн (Космо Џарвис), англиски морепловец кој доживеал бродолом крај Јапонија, и Јошии Торанага (Хиројуки Санада), самурајски војсководец.

Ова е прва серија на јапонски јазик номинирана за наградата Еми за најдобра драмска серија и втора неанглиска серија по успехот на „Игра на лигњите”. Серијата не ги импресионира само критичарите, туку и публиката, која ја оцени со 8.6 на IMDb, засновано на дури 170 илјади гласови.

- Реклама -