Поранешната министерка за внатрешни – Гордана Јанкулоска, вчера е спроведена во „Идризово“ наспроти секоја законска процедура и со тоа ѝ е оневозможено да побара одложување на издржувањето на казната по било кој основ од Законот за извршување на санкции, обвинува нејзината адвокатка – Сања Алексиќ.
Според Алексиќ, Јанкулоска вчера околу 15 часот ја примила само одлуката на Врховниот суд (за одбивање на жалбата и потврда на пресудата), а воопшто не добила упатен акт за да биде информирана кога треба да се јави и да се подготви за одење во „Идризово“. И покрај тоа, тврди адвокатката, 10-тина минути по добивањето на одлуката, полицајци се појавиле пред домот на Јанкулоска и ѝ кажале дека мора да оди со нив во „Идризово“.
Со тоа што не добила упатен акт, Јанкулоска не добила ниту можност да побара одложување на казната по некоја од основите во Законот за извршување на санкции, вели Алексиќ, која истакна дека се непријатно изенадени од повредата на нејзиното право, со што се ставени пред свршен чин без да имаат правно средство да реагираат на она што веќе се случи вчера.