Поддршка за одлуката на продукцијата „Револушн Продакшн“: Режисерот Јани Бојаџи се залага за достојство на уметниците
Режисерот Јани Бојаџи јавно ја поддржа одлуката на продукцијата „Револушн Продакшн“ за откажување на долгометражниот игран филм „ТАТКО“. Тој истакна дека на проектот работеле во текот на последните четири години. Всушност, Бојаџи изрази дека нема да дозволи себе и неговите соработници да бидат понижени, обвинувајќи ги Министерството за култура и Агенцијата за филм за користење на имињата на филмските автори за свои интереси.
„Целосно ја поддржувам одлуката на Дејан како продуцент. Не дозволуваме да бидеме понижени и обесправени. Не сме параван под кој, користејќи ги нашите имиња, Министерството за култура и Агенцијата за филм ќе ги реализираат своите интереси“, напиша Бојаџи.
Тој им се заблагодари на сите соработници што учествувале во развојот на филмот, кој, како што изјави, бил инспириран и посветен на „Мајката земја“. Додаде и дека борбата продолжува.
Претходно, од продукцијата „Револушн Продакшн“ објавија дека се откажуваат од реализацијата на филмот „ТАТКО“ и од средствата што им беа наменети. Во соопштението, продуцентот Дејан Милошевски укажа на тоа дека одлуката е резултат на внимателна анализа на условите во кои требаше да се реализира проектот, оценувајќи дека уметниците се ставени во недостојна и понижувачка позиција.
„Одбиваме да бидеме дел од оваа перфидна игра на Министерството за култура и Агенцијата за филм, која нè става во недостојна позиција и очекува да бидеме средство за остварување на економски цели на оваа филмска администрација“, се вели во соопштението.
Продукцијата се заблагодари на сите актери, соработници и поддржувачи кои веруваа во проектот.



