Јанева „се опушти“ пред новинарите по распитот во ОЈО, адвокатот нервозно ја тапкаше по рамо

По околу 4 и пол часа на распит кај обвинителката Вилма Русковска, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја напушти зградата на Обвинителството. Во изјава за новинарите таа потврди дека давала исказ во својство на сведок, а не како осомничена во случајот „Рекет“.

За снимката од разговорот со Камчев, во кој му вели дека „сè ќе биде во ред“, Јанева одговори дека ова е истрага и не смее да споделува информации. Таа додаде дека се надева дека ќе има судење, каде што јавноста ќе добие одговор на ова и други прашања. „Ќе се гледаме уште“, рече специјалната.

Прашана зошто го форматирала телефонот, Јанева делуваше како првпат да слуша за тоа и одговори дека нејзините не се форматирани. Игнорирајќи го тапкањето по рамо од страна на нејзиниот адвокат Стеван Павлески, со кој дојде на распит, Јанева рече дека два нејзини телефона се предадени во Обвинителството на анализа, а форматираниот бил всушност трет телефон.

Јанева рече и дека не знае дали истрагата ќе биде проширена со нејзе како осомничен и ги упати новинарите одговорот да го бараат кај обвинителката Вилма Русковска. Сепак, Јанева додаде дека таа лично не чувствува вина за случајот.

Прашана дали знае каде е Орце Камчев, Јанева одговори негативно, но прашана дали знае каде се парите, одговори со „Да“. Во какофонијата од новинарски прашања, новинарите како да не го забележаа тоа, што доведе до меѓусебни „туфкања“ дека пропуштиле да ги постават вистинските прашања. Друга шанса не добија, бидејќи Јанева конечно го послуша адвокатот кој упорно ѝ сугерираше дека не е на распит, и се оддалечи од микрофоните упатувајќи се кон возилото (видео ТУКА).

- Реклама -