Јанев: По изборите дијалогот ќе добие ново значење, но бугарската позиција нема да се промени

Владата во Софија има намера да остане на курсот што досега го водеше во однос на земјава, односно да го заштити бугарскиот национален интерес на најдобар можен начин, изјави бугарскиот премиер Стефан Јанев за БНТ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Јанев истакнал дека бугарскиот национален интерес е поврзан и со интересот на другите нации во ЕУ, но дека не треба да се дозволи спорот меѓу две соседни земји да се пренесе во ЕУ.

Според Јанев, Бугарија мора да се фокусира на дијалог и постојан контакт со овдешните власти, за да се бара решение во име на, како што рече, нашата заедничка иднина. „Не треба да се закопаме во минатото, туку да бараме решение во иднината“, додаде тој.

Бугарските тврдења, подвлече Јанев, се слушнати доволно добро и од македонска страна и од нејзините европски партнери.

„Бугарија сака нормален дијалог, сака да го запре јазикот на омразата, како и воспитувањето за омраза кон Бугарија. Сака и да го запре лошиот однос кон луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија. Така овие работи ќе се решат и ќе се најде вистинската формула“, рече премиерот на Бугарија, додавајќи дека се надева дека тоа ќе се случи во блиска иднина.

Јанев порача и дека по крајот на октомври и ноември, кога има политички избори во Македонија и Бугарија, дијалогот ќе добие нова смисла, но дека нема да има промена на бугарската позиција бидејќи истата ја постави Народното собрание на Бугарија. Бугарија нема да биде уценувана, додаде тој.

- Реклама -