Јанчев повика на протест за смена на Мицкоски, Пандов му најави контрапротест на исто место и во исто време

Градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ – Митко Јанчев, кој воедно и претендира да биде лидер на партијата, повика на протест против актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

„Почитувани, Митко Јанчев, претендент за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, повикува на мирен протест на 02 ноември 2020 година (понеделник) во 19 часот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (Белата палата)“, напиша Јанчев на својот Фејсбук профил. „Протестот е со една единствена цел, повикување за оставка на Христијан Мицковски“, додава тој.

Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, меѓутоа, експресно (и во целост) се огради од повикот на Јанчев.

„Наместо полноќни статуси на Јанчев сметаме дека местото за протест е онаму каде седи причината за сите проблеми на граѓаните, а тоа е Владата на Зоран Заев. Оттука ВМРО-ДПМНЕ, како партија која се бори против политиките на Зоран Заев кои нанесуваат штета на државата, очекува свој придонес во падот на оваа власт да даде и Митко Јанчев. За сите негови останати размисли ВМРО ДПМНЕ е демократска партија со легитимно избрано раководство и постојат начини и процедури тоа да биде дискутирано“, порачаа од ОК Кавадарци на својот Фејсбук профил.

Одговор за Јанчев стигна и од претседателот на новоформираниот Патриотскиот институт на партијата – Александар Пандов. Тој практично најави контра-протест на исто место и во исто време, порачувајќи му на Јанчев дека ќе го повика партиското членство за да ја искористи приликата да каже какво е нивното мислење за градоначалникот на Кавадарци:

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„Мите Лимунада ги повикал вработените во неговата Кожувчанка во понеделник на протест пред штабот на ВМРО, Христо Татарчев.

Штета Мите, пред два дена бев во штабот на ОК Кавадарци, знаеш и сам колку многу луѓе имаше, требаше да дојдеш да ги споделиш со нас твоите визии и цели околу ВМРО и Македонија. Така носи редот, од дома се почнува Мите!

Што е тука е, па еве јас ќе ја искористам таа прилика на твое доаѓање во Скопје и ќе го повикам членството на ВМРО-ДПМНЕ да дојде во исто време и на исто место, па ние да ти го кажеме нашето мислење за тебе! Можеш и Вице да ни го донесеш. Ќе ве личи. А башка и на него имаме што да му кажеме. Таман вие после повторно заедно ќе си прославите. Ти текнува? Исто ко кога стана потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Или Мите, можеби најдобро е да излеземе двајцата на дебата на било која телевизија и да поразговараме за ВМРО и Република Македонија? Одважи се, биди маж, та нели лидер на ВМРО сакаш да бидеш!“, му порача Пандов.

- Реклама -