Јагодата што кошта 1.250 денари

Не дека ве охрабруваме да се вклучите во потрошувачката треска за Св. Валентајн, ама ако немате идеја, имаме предлог. Една единствена јагода, спакувана во картонска кутија со розев украс, за само 168 хонгконгшки долари, т.е. 17 британски фунти, т.е. околу 1.250 денари.

Сместена во „гнездо“ од синтетичка слама и стиропор, овошјето е „свежо увезено преку воздушен пат“ од Јапонија, и пазете, притоа е рачно набрано! „Kotoka strawberry gift box“ можете да го купите во супермаркетот City’super во Хонгконг, а ако веќе не ви е проблем цената, сигурно нема да ви биде проблем и да ја порачате преку интернет и да платите шипинг.

А ако не сте убедени дека една јагода вреди за тие пари, ич не сте сами. Во обидот да продаде вака екстремно екстравагантен и во суштина бескорисен продукт, маркетот сега се соочува со критика од целиот свет, главно на Интернет. Во Кина е особено вирален, а сите се согласуваат дека ништо од понудата не вреди толку пари, па ни пакувањето.

Тешко е да се каже колку чини една јагода во останатите делови од светот, зашто нема таков лудак да продава една единствена јагода. Ама еве, во Британија, пакување од 11 јагоди чини 2 фунти, што е скоро девет пати поевтино.

Маркетот се правда дека пакетот е предвиден како подарок за Денот на вљубените, макар што рокот на јагодата приложена на фотографијата истече уште десет дена пред Валентајн. Се правдаат и дека не е обична јагода. Нормално, на интернет се најдоа и такви што пробаа да ја оправдаат ваквата цена, приложувајќи сличен пример со еден друг вид на јапонска јагода (што чини околу 2.600 денари!).

„Во Kotoka, јагодите се сметаат за деликатес со ограничена количина, и се рачно берени за да се гарантира дека се берат само јагодите со највисок квалитет“, се вели во соопштението на супермаркетот.

Оставаме сами да си видите дали вреди…

 

- Реклама -