Извршна наредба на Бајден: ВМРО-ДПМНЕ како дестабилизирачки фактор?

Место на црната листа на САД и замрзнување на имот му се заканува на секој кој не ги почитува, меѓу другите, Преспанскиот и Рамковниот договор од 2001 година, или Резолуцијата 1244 на ОН и Дејтонскиот договор. Со Извршната наредба што ја потпиша синоќа американскиот претседател Џо Бајден, сите лица кои на било кој начин (вклучително и корупција) го попречуваат прогресот кон ефективно и демократско владеење и целосна евро-атлантска интеграција на Западниот Балкан, претставуваат вонредна закана за националната безбедност и надворешна политика на Соединетите Американски Држави.

Американската администрација засега не наведува имиња, но во јавноста во државава, како и во регионот, започна лицитацијата за кои лица станува збор. Во нашиот случај, се посочуваат оние кои јавно изјавиле дека нема да го почитуваат Преспанскиот договор, кој резултираше со уставни измени за промена на името на државата, но и откочување на евроатлантските интеграции и влезот во НАТО.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, е еден од повеќе опозициски политичари кои најавуваа ревизија на Преспанскиот договор:

„Ние имаме против содржината на тој Преспански договор затоа што цврсто веруваме дека на тој начин некој се откажа од македонскиот идентитет. И тоа е мое право како Македонец, да имам различно мислење, затоа што се чувствувам навистина погоден“, изјави Мицкоски во гостување на „ТВ21“.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

Левица е уште една македонска политичка партија која е дел од парламентот, а се залага за поништување на Преспанскиот Договор и бришење на „Северна“ од Уставот и името на државата.

„Секоја наредна Влада на РМ, согласно Виенската конвенција за договорно право, ќе има правна можност да го раскине, односно еднострано да го поништи овој екстремно штетен и квислиншки т.н. Преспански договор меѓу Коѕијас и Димитров“, изјави претседателот на Левица – Димитар Апасиев, во интервју за „Лидер.мк“.

Декретот на Бајден и неговата администрација се однесува на сите оние што директно или индиректно ги нарушуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан, како и секој кој се впушта во акции или политики што ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот.

- Реклама -