Извршен е вонреден инспекциски надзор во кумановската болница по починувањето на 31-годишната родилка

Во извештајот од ДСЗИ се наведува дека 31-годишната родилка при породувањето била во добра здравствена состојба и редовно се прегледувала кај матичен гинеколог

Во кумановската општа болница вчера бил извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), информира в.д. директорот Кирил Лазов.

Вонредниот инспекциски надзор е извршен откако на 27 септември на Одделението за гинекологија во болницата починала 31-годишна родилка од Куманово. 

Во извештајот од ДСЗИ се наведува дека 31-годишната родилка при породувањето била во добра здравствена состојба и редовно се прегледувала кај матичен гинеколог.

Надзорот кај матичниот гинеколог покажал дека родилката навремено се јавувала во текот на бременоста, правела редовни контроли, пациентката била во добра здравствена состојба при втора уредно контролирана бременост и немало отстапувања.

„Еден ден по приемот, на 27 септември, поставена е индикација за породување и околу 15 часот отпочнало аплицирањето терапија за отпочнување на породувањето. Истата терапија повторно е дадена во 19:30 часот, а десетина минути подоцна дошло до нагло влошување на здравствената состојба на родилката после кое била итно спроведена во операциска сала и извршен царски од страна на дежурниот тим лекари. Во 20:30 часот изваден е плодот, а во 20:45 часот е констатирана смрт на родилката од страна на анестезиолог“,

се наведува во извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Како што информираа тогаш од кумановската болница, новороденчето итно било префрлено во комплексот клиники во Скопје.

„Состојбата на новороденото е непроменета, лекарите ја следат здравствената состојба. Новороденчето е на одделот за интензивна нега и терапија и е на механичка вентилација и ја добива потребната здравствена нега“,

велат од Детската клиника, пренесува МИА.

Од Јавното обвинителство велат дека ги чекаат анализите од надлежните институции за утврдување на фактичката состојба и евентуалната одговорност за случајот со младата кумановка.

- Реклама -