Минатата недела земјава доби покана од ЕУ за подготовка на патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“, но сличното писмо до Албанија беше блокирано од страна на Грција, јави дописникот на МИА од Брисел.
Извори во Советот на ЕУ за „Еурактив“ потврдија дека Албанија не ја добила поканата, затоа што Атина одбила да го поддржи барањето од Комисијата за отворање на преговорите по поглавја со Тирана.
Според истите извори, Грција го образложила својот став со изразување резерви околу почитување на принципите на владеењето на правото во Албанија, посочувајќи го случајот приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химера, Фреди Белери, кој е припадник на грчкото малцинство во земјата. Дополнително, Грција посочила и на проблеми со имплементацијата на некои закони поврзани со правата на сопственост на припадниците на грчкото малцинство во Албанија, како и околу спроведувањето на пописот во земјата, при што според Атина, некои етнички Грци „не биле прашани за верска припадност или мајчиниот јазик“.
– Атина не ја затвора целосно вратата, но има некои прашања што треба да се решат. Како што стојат работите, процесот не може да продолжи, посочија изворите во Европскиот совет, додавајќи дека Албанија мора да покаже „креативност“ за да се реши кризата со Белери.
Белери беше уапсен на два дена пред локалните избори во Албанија во мај годинава под сомнеж за „купување гласови“. Тој победи на изборите во Химара во јужна Албанија со тесно мнозинство како кандидат на опозициската коалиција, но не можеше да ја преземе функцијата градоначалник поради неговото приведување.
Грција побара албанските власти да му дозволи да положи заклетва, оценувајќи го неговото апсење како „политички и етнички мотивирано, на што Влада во Тирана одговори дека „не може да се меша во судските постапки“.
Поранешниот албански претседател и премиер и актуелен опозициски лидер Сали Бериша, кој и самиот соочува со кривична истрага, обвини дека полицијата и Обвинителството „го организирале апсењето“ Белери, посочувајќи дека овој случај ја довел Албанија во конфронтација со Грција и наглото влошување на билатералните односите.
Албанскиот премиер Еди Рама од своја страна изјави дека нема надлежност во случајот и не може да се меша во работата на правосудството на кој било начин.
– Ова не е дебата меѓу владите на Албанија и Грција, затоа што се работи за правдата, а тоа е во рацете на правосудниот систем, изјави Рама.
Противниците на Рама обвинуваат дека зад целиот случај има и бизнис интереси, бидејќи, според нив, албанската Влада сака да ја задржи контролата врз издавањето градежни дозволи во Химара, која е популарна туристичка дестинација и има профитабилен пазар со недвижности.
МИА