Извештај: Во ЕУ во 2023 година е забележан пораст на џихадистичкиот и десничарски тероризам

Европол денеска го објави „Извештај за ситуацијата и трендовите поврзани со тероризмот во ЕУ“ (ЕУ ТЕ-САТ), во кој се наведува дека во 2023 година имало вкупно 120 терористички напади во седум земји-членки на Европска Унија, од кои девет биле неуспешни, а 13 биле осуетени.

Во Извештајот се посочува дека најголем број терористички напади извршиле сепаратистичките терористи (70), а потоа следат левичарите и анархистите (32 од кои 23 биле реализирани).

– Во ЕУ во 2023 година извршени се пет џихадистичко терористички напад, во кои загинаа шест луѓе, а 12 се повредени. Во 22 земји-членки на ЕУ уапсени се 426 лица под сомнение за тероризам, а 334 од нив биле поврзани со џихадистички тероризам, се посочува во Извештајот.

Исто така се наведува дека во 14 земји-членки на ЕУ завршени се судските постапки за осомничени тероризам, што резултирало со 290 пресуди и 68 ослободителни пресуди.

– Терористичките и насилните екстремистички актери имаат способност стратешки да ги интегрираат најновите случувања во дигиталната технологија, вклучително и вештачката интелигенција (ВИ), во нивната алатка за ширење пропаганда, регрутирање, планирање напади и избегнување да бидат откриени од страна на органите за спроведување на законот, се истакнува во Извештајот.

Прочитајте и:  Европските сили ветија безбедносни гаранции за Украина пред враќањето на Трамп на власт

Во извештајот се истакнува дека нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година и израелската воена офанзива врз Појасот Газа доведоа до „засилени општествени тензии и зголемување на антисемитската, како и антимуслиманската реторика“. Безбедноста на ЕУ дополнително е загрозена од израелскиот конфликт со Хезболах во Либан.

Извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол предупреди дека терористичките групи имаат за цел да регрутираат млади луѓе и додаде посебно загрижува употребата на вештачката интелигенција во ширењето на екстремистички пораки и планирањето напади.

– Само со користење на интелигенција во реално време, поттикнување прекугранична соработка и користење на напредни технологии, можеме да се соочиме со овие предизвици и да ги заштитиме нашите заедници, посочи Де Бол.

- Реклама -