Израелската национална авиокомпанија „Ел Ал Ерлајнс“ објави дека ги прекинува летовите за многу европски дестинации до 23 јуни, поради актуелниот конфликт со Иран, известува „Тајмс оф Израел“.
Засегнати се градови како: Берлин, Тбилиси, Барселона, Батуми, Варшава, Родос, Минхен, Тиват, Лисабон, Токио, Краков, Венеција, Солун, Марсеј, Крит, Кефалонија, Санторини, Кишињев, Белград, Тирана, Порто, Миконос, Лефкада и Москва.
Ова ограничување ќе важи сè додека безбедносната ситуација не се подобри, истакнуваат од „Ел Ал“. Во меѓувреме, компанијата работи на враќањето на патниците кои се заглавени во странство.
„Ги разбираме тешкотиите и стресот кои ги доживуваат нашите патници во странство кои сакаат да се вратат во Израел, како и оние чии планови се нарушени. Откако ќе добиеме одобрение од надлежните, ќе направиме сè што е можно за да овозможиме враќање на што поголем број Израелци. Постепено ќе го продолжиме летечкиот распоред, вклучително и од блиските дестинации“, се наведува во соопштението.
Покрај тоа, Советот за национална безбедност на Израел укажа дека не се препорачува патување во Израел преку Египет и Јордан, иако границите остануваат отворени.
„Советуваме на Израелците кои се во странство и планираат да се вратат во земјата да почекаат за ажурирани информации од Министерството за транспорт“, стои во изјавата од Советот.
По ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, воздушниот простор над двете држави е затворен за цивилен сообраќај, сите летови се откажани, а авиокомпаниите од Израел започнаа да ги преместуваат своите авиони надвор од земјата.