Израелската армија синоќа ги засили нападите на југот на Појасот Газа, тенкови и авиони го бомбардираа источниот и северниот дел на Кан Јунис, вториот по големина град на палестинската територија.
Очевидци изјавија дека ракети биле истрелани кон градот Рафа на југ и дека бил гранатиран бегалскиот камп Џабалија на север, а имало и судири во централниот дел на Појасот каде се наоѓаат камповите Магази и Буреиџ.
Ал Џезира јави дека 15 лица загинале во израелски напад врз Деир ал Балах во центарот на Газа.
Нападите продолжија откако Израел најави повлекување на дел од своите војници од Газа, но и дека се подготвува да продолжи со воените операции најмалку шест месеци.
На последниот оперативен брифинг, израелската армија соопшти дека во Појасот Газа „се убиени десетици терористи“, а голем број експлозиви се „неутрализирани“.
– Во текот на изминатиот ден поморските и копнените сили идентификуваа терористи кои поставуваат експлозивни направи на брегот на Појасот Газа и во згради во близина на брегот со цел да ги активираат при напади врз војници, се вели во военото соопштение.
Во заеднички операции на поморските, воздушните и копнените сили нападнати се екстремисти и неутрализирани се експлозиви, при што се убиени десетици терористи, меѓу нив оние кои се обиделе да постават експлозивни направи и други кои управуваат со дронови, се додава во соопштението.
При претресите во централниот дел на Газа биле лоцирани и капацитети за производство на оружје и лансирни рампи за ракети со долг дострел.
Се наведува и дека војниците на ИДФ „во кампот логорот Буреиџ лоцирале лансери поставени во близина на училиштето на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (UNRWA)“, пренесоа агенциите, додавајќи дека овие тврдења на воените власти не се потврдени од други извори.
МИА