Израел тврди дека погодил 100 ракетни лансери во Либан – ескалираат тензиите на Блискиот Исток

Три либански безбедносни извори за новинската агенција Ројтерс изјавиле дека станува збор за досега најтешките воздушни напади од почетокот на конфликтот во октомври минатата година

Израелски воени авиони доцна синоќа извршиле десетици напади врз цели во јужен Либан, јавуваат светски медиуми. Акцијата на израелската воена авијација доаѓа откако лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, се закани со „тешка одмазда и праведна казна“ за бранот напади со експлозиви поставени во пејџери и воки-токи апарати чија цел беше милитантната група со седиште во Либан.

Израелски авион во прелет над Бејрут за време на телевизиското обраќање на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала / Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Израелската војска, како што пренесува „Гардијан“, соопштила дека во нападите се погодени стотици ракетни лансери кои, според нејзините тврдења, биле подготвени за употреба врз цели во Израел.

Според либанската државна новинска агенција ННА, израелските авиони извршиле повеќе од 52 напади низ јужен Либан.

Три либански безбедносни извори за новинската агенција Ројтерс изјавиле дека станува збор за досега најтешките воздушни напади од почетокот на конфликтот во октомври минатата година.

Додека израелските борбени авиони го надлетуваа главниот град на Либан, Бејрут, претходно во текот на денот лидерот на Хезболах ги оцени експлозиите на пејџери и воки-токи апарати како терористички чин и објава на војна кон народот на Либан.

Насрала се закани со одмазда врз Израел велејќи дека таа ќе се случи и таму каде што непријателот очекува и каде што не очекува.

Во меѓувреме, додека тензиите на Блискиот Исток растат, високи дипломати од Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Германија, Франција и Италија вчера се состанаа во Париз, еден ден пред состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), на кој ќе се расправа за последните случувања на Блискиот Исток.

Либан и Хезболах го обвинија Израел за нападите врз комуникациската опрема во која загинаа 37 лица, а се ранети над 3 000 лица, што сериозно го оптовари здравствениот систем во земјата.

Официјален Тел Авив досега не излезе со коментар за нападите.

Американскиот претседател Џо Бајден верува дека сè уште може да се дојде до дипломатско решение за ситуацијата на Блискиот Исток, по ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах, соопшти Белата куќа.

„Сакаме да имаме дипломатска резолуција за тензиите што ги гледаме на Блискиот Исток. Не сакаме да видиме ескалација, а веруваме дека тоа е остварливо и треба итно да се направи“,

велат оттаму.

- Реклама -