Според договорот, секој обид на Хезболах повторно да се вооружи и изгради инфраструктура покрај границата ќе значи негово прекршување, на што Израел сериозно ќе одговори
Израел се согласи на примирје со Либан, односно со Хезболах, со што се отвора патот за крај на војната по повеќе од една година, а во која загинаа илјадници луѓе, пренесува Ројтерс.
Се очекува договорот утре да стапи во сила.
И покрај дипломатските разговори, Израел изминатите денови ги засили воздушните напади во Бејрут и други делови на Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во својот говор вечерва рече дека ќе го испрати нацрт-договорот за прекин на огнот со Хеезболах до целиот кабинет на одобрување.
Според договорот, секој обид на Хезболах повторно да се вооружи и изгради инфраструктура покрај границата ќе значи негово прекршување, на што Израел сериозно ќе одговори.
„Ако Хезболах го прекрши договорот, Израел ќе нападне. Ако лансира проектили и ако изгради тунели, ние ќе нападнеме. Договорот може да се спроведе и ние ќе го спроведеме. Должината на прекинот на огнот ќе зависи од она што се случува во Либан“,
рече тој.
Посочи дека војната нема да заврши додека сите жители на северен Израел не се вратат безбедно во своитее домови.
Во својата изјава, израелскиот премиер рече дека Хезболах веќе не е истата група „која ја започна војната против нас“, велејќи дека израелските сили ги враќаат назад со децении.
Најмалку 3 768 луѓе се убиени во израелските напади врз Либан од октомври 2023 година, соопшти вчера либанското Министерство за здравство.
Според израелските власти, во нападите на Хезболах загинале 45 цивили во северен Израел и Голанската висорамнина. Најмалку 73 израелски војници загинаа во северен Израел, Голанската Висорамнина и во борбите во јужен Либан.
Хезболах е шиитска либанска проиранска паравоена организација, создадена во 1982 година како одговор на влегувањето на Израел во јужен Либан.
По 18 години, военото крило на Хезболах, по многуте загуби нанесени на Израелците, го принуди Израел да се повлече во 2000 година.