Ерусалим, 27 декември 2021 (МИА) – Медицинскиот центар „Шеба“ во близина на Тел Авив денеска го почна првото тестирање во светот на четвртата доза од вакцината на Фајзер/Бионтек против Ковид-19.
„Најголемиот медицински центар во Израел и на Блискиот Исток ангажираше 150 вработени за истражувањето, а секој од нив прими трета засилувачка доза во август и сега нивното ниво на антитела е под 700“, изјави портпаролот на болницата.
Првиот што ја прими четвртата доза беше хирургот за трансплантација на срце, д-р Јакоб Лави. Тој рече дека „тоа е еден мал убод во рамо, но еден голем скок за човештвото во глобалната борба против коронавирусот“.
Истражувањето го предводи д-р Гили Регев Јохај, директорка на Одделот за инфективни болести, а го одобри Хелсиншкиот комитет на Министерството за здравство, кој го надгледува тестирањето на луѓе.
Иако американската Управа за храна и лекови сè уште не ја одобрила четвртата доза од вакцината на Фајзер, израелските експерти препорачуваат да ја примаат здравствените работници и граѓаните постари од 60 години, бидејќи се чини дека заштитата се намалува за шест месеци.
„Се очекува оваа студија да ги расветли дополнителните придобивки од примањето на четвртата доза. Ќе се стремиме да разбереме дали и на кого е најдобро да се даде четвртата доза“, истакна Јохај.
Нејзина цел е да утврди дали четвртата доза е ефикасна во производство на антитела и дали е безбедна.
Резултатите од студијата ќе помогнат да се одреди политиката не само во Израел, туку и во светот, во момент кога новиот вид на коронавирус омикрон предизвикува нов бран на инфекции.
Многу експерти веруваат дека достапните вакцини не се ефикасни против тој вид, објавија израелските медиуми.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет потсети дека граѓаните на Израел први во светот ја примиле третата доза од вакцината против Ковид-19 и дека продолжуваат да бидат први и со четвртата доза.