Израелските трупи „многу брзо ќе тргнат во акција“ во близина на северната граница на земјата со Либан, изјави денеска министерот за одбрана Јоав Галант.
Тој им соопшти на војниците во близина на границата со опколениот Појас Газа дека други се распоредени на северот на Израел.
– Тие многу брзо ќе тргнат во акција… така што силите на север се засилени, рече Галант.
Израелскиот министер додаде дека резервистите постепено ќе бидат ослободени „за да бидат подготвени“ за идните операции.
Од избувнувањето на војната меѓу Хамас и Израел на 7 октомври, на либанско-израелската граница се забележува речиси секојдневна размена на оган меѓу израелската армија и либанското движење Хезболах поддржано од Иран, сојузник на Хамас.
Началникот на израелската армија Херци Халеви на почетокот на овој месец изјави дека веројатноста за војна на северната граница станала „многу поголема“.
„Не знам кога ќе биде војната на север, но можам да ви кажам дека веројатноста таа да се случи во наредните месеци е многу поголема отколку што беше во минатото“, рече тогаш Халеви.