Израел ги нападна мировните трупи на ОН во Либан

Два израелски тенка утринава ја „уништиле“ главната порта на комплексот на привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) на југот на земјата. Засега Израел е без коментар, но овој напад доаѓа само неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно ги повика силите на ОН да се повлечат од пограничната област.

Тој ги предупреди ОН дека мировните сили во Либан се на „погрешен пат“, и го повика генералниот секретар Антонио Гутереш да ги отстрани.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN EPA POOL

„Сакам да му се обратам на генералниот секретар на ОН директно од овде: време е да го отстраните УНИФИЛ од упориштата и борбените зони на Хезболах. Вашето одбивање да ги евакуирате, војниците на УНИФИЛ ги прави заложници на Хезболах“,

рече Нетанјаху.

Израелските власти тврдат дека УНИФИЛ не ја исполнил Резолуцијата 1701 на ОН усвоена по војната во 2006 година, со која се бараше граничната област на јужен Либан да биде ослободена од оружје и воени сили, освен од либанските државни војници.

Атакот врз мировните сили на ОН предизвика меѓународна осуда.

Околу 10 000 мировници се наоѓаат на територија на Либан од кои најбројни се оние од Италија. Италијанската премиерка Мелони ги осуди нападите на изреалската армија врз мировниците како неприфатливи и во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика да обезбеди целосна имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации, пишува „Гардијан“.

Освен Мелони и претставници на 40 земји ја изразија својата „целосна“ поддршка за Мировната мисија на ОН во Либан и побараа заштита на сините шлемови откако петмина мировници беа ранети во израелските напади во изминатите два дена.

Итен апел упати и папата Франциск кој повика да се почитува мисијата на привремените сили на Обединетите нации во јужен Либан.

„Повторно повикувам на итен прекин на огнот на сите фронтови. Да тргнеме по патот на дипломатијата и дијалогот за да постигнеме мир“,

рече папата Франциск.

- Реклама -