Американскиот еквивалент на нашето „да измислиш топла вода“ е „да измислиш тркало“. Е па, повеќе не е само фраза. Дејвид Патрик, иноватор од Лос Анџелес, одново го измисли тркалото. Неговиот бизарен и радикално иновативен дизајн е сличен, верувале или не, на коцка. Тркалата, наречени Shark Wheels, се наменети за глобално растечкиот скејтборд пазар.
Покрај далеку поразличниот дизајн и изглед од нормалните цилиндрични тркалца, Shark Wheels се и далеку посупериорни во однос на перформансите. Скептиците прилично брзо ја изгубија битката, а најдобар доказ за тоа е кампањата на Kickstarter.com (веб страна на која посетителите донираат пари за фундирање на креативни идеи што им се допаѓаат), која ги надмина очекувањата од 10.000 долари за шест пати и тоа во првите две недели.
Популарноста на Shark Wheels расте од ден на ден, а на интернет можат да се најдат голем број видеа, тестови на перформансите, рецензии и коментари. Оние највозбудените, новите тркалца ги нарекуваат „изум на епохата“.