Денес во Културниот центар Јадро беше отворена изложбата „Од уметност кон родова еднаквост“, на која се претставени 19 инспиративни дела од 19 авторки и автори, кои преку својата уметност испраќаат пораки за поубав и поеднаков свет.
Оваа изложба е дел од кампањата Биди чудо од девојка, во рамки на проектот „Еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежа Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
Главната цел на проектот е да ги поддржи и охрабри девојките и младите жени да станат поактивни учесници во општеството, со што ќе се создадат еднакви можности и во јавниот и приватниот сектор. Проектот обезбедува кариерно советување, практикантство, менторство, како и поддршка на различни иницијативи ширум земјата.
Изложбата кулминираше со доделување награди за учесниците на конкурсот. Наградите беа доделени на следните учесници:
– Прво место: Магдалена Марјановиќ и Душица Димитровска (по 25,000 ден.)
– Второ место: Ангела Петрушевска (20,000 ден.)
– Трето место: Јана Марковиќ (10,000 ден.)
– Специјална награда од жири комисијата: Аника Божиновска (5,000 ден.)
Дополнително, беа доделени четири пофалници на: Гаја Смилевска, Иван Коминовски, Ана Куновска и Антонела Митева. Останатите учесници – Ивана Лазаревска, Славица Панева, Менче Здравкова, Марија Стојановска, Христина Здравковски, Габриела Лозаноска, Лили Ана, Сара Ангеловска, Тамара Гашева и Теодора Куновска добија сертификати за учество, што е потврда за нивниот значаен придонес кон промоцијата на родовата еднаквост преку уметноста.
Изложбата ќе биде изложена во МладиХаб од следната недела каде секој ќе може да ја види бесплатно.
Оваа изложба е само еден од чекорите кон општество со еднакви можности за сите. Проектот ќе продолжи да ги поддржува иницијативите за социјална правда и вклучување на девојките и младите жени во активната општествена сфера.