„Порти кон бескрајот“ е уникатна прилика за прилепската јавност да се запознае со досега непознати дела на уметник чиј визуелен идентитет одамна е дел од душата на градот, иако многумина не го препознаваат. Фонтани, споменици и обележја – сите ние поминуваме покрај неговите творби, но само малкумина знаат кој е авторот.
Изложбата ја открива сликарската уметност на Илија Кочоски, артист, архитект и творец на бројни јавни уметнички интервенции во Прилеп и пошироко. Тој со децении делува тивко, но со длабока интенција. Делата кои ќе бидат изложени произлегуваат од еден интензивен и самосвојен период на неговото творештво и досега никогаш не биле прикажани пред публика.
Овие слики не се само декоративни; тие се прашалници што влегуваат во материјата. Секоја од нив повикува да се застане, да се вдивне и да се влезе во светот над секојдневното. Нивната суштина носи елементи на древност и лична интимност. Како иконите, не поради религиозната димензија, туку поради внатрешната строгост и ритам, тие нудат скриена моќ на присуство.
Кочоски користи различни материјали, како бакар, дрво и златни клинци, не заради ефект, туку како слоеви на искуство: складишта на нашето секојдневие, куполи на храмовите, и прагови од стари куќи. Во нив се соединети ритуалот и интимата, святото и обичното.
Изложбата е поделенa на два циклуса. Првиот, инспириран од мотивот на „Тајната вечера“, е геометриска и колористичка медитација, додека вториот се фокусира на еволуцијата на свеста, присуството на човекот во космосот, и границите помеѓу духовното и материјалното. Овие „порти“ не водат во физички простор, туку во емоционална состојба.
Во време кога визуелните уметности брзо се консумираат и уште побрзо се забораваат, овие дела нудат можност за продлабочено гледање. Тие бараат внимание и време за чувствување на она што не се изразува лесно.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.




