Изложба „ФЛУ Апертура 2024“ на Факултетот за ликовни уметности од Белград во Галерија ФЛУ

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот за уметности од Белград со изложбата „ФЛУ Апертура 2024“ гостува во Галерија ФЛУ (објект Педагошка) на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Изложбата ќе се отвори на 6 ноември (среда), во 20 часот, со присуство на деканската управа на ФЛУ Белград, професори и дел од учесниците на изложбата.

Двете високообразовни институции ја продлабочуваат соработката со цел размена на искуства, знаења и вештини, развивање на уметничкото вмрежување, развивање можности за мобилности и заеднички проекти.

Се работи за изложба на студенти на докторски уметнички студии (трет циклус) на Факултетот за ликовни уметности во Белград.

Докторските уметнички студии на Факултетот за ликовни уметности (Белград) започнуваат од 2007 година. До сега (во мигот кога е пишуван овој текст – април 2024 година) докторирале 170 студенти. „ФЛУ (Белград) Апертура 2024“ е изложба која ја сочинуваат шест одбрани уметници/чки кои во моментов се на докторски уметнички студии на Факултетот за ликовни уметности во Белград.

Уште на прв поглед, она што е можеби највпечативо, е формалната разноликост на изложените дела. Селекцијата не се базира исклучиво на формалните критериуми, туку е со цел да ја илустрира и прикаже разновидноста на темите на уметничките истражувања во текот на докторските уметнички студии. Изложбата нуди актуелен увид во шест различни уметнички пракси, со сите нивни возбудливи манифестации и димензии, од апстракција до фигурација, од цртеж на хартија до делегирани перформанси. Од друга страна, како што може да се забележи, тематскиот спектар се движи од интимни искуства (од секојдневието) до прашања за родот и идентитетот.Уметницата Ивана Ивковиќ е препознатлива и признаена на домашната и меѓународната уметничка сцена со својот исклучително афторефлексивен пристап. Нејзината серија на фотографии е документација од перформансот Друго тело – нејзин истражувачки проект од областа на делегираниот перформанс. Овие дела тематски ги обработуваат темите на идентитет и род, преиспитуваат и доконструираат стереотипи на улогите на родот. Ивана се поигрува со класичните и очекуваните улоги на жените и мажите во историјата на уметноста употребувајќи исклучиво голо или полуголо машко тело како перфомативен инструмент во оркестрираните комплексни сцени со голем број на учесници. Како што пишува самата во својот докторски труд: „Со објективизацијата на машкото тело, кое е изложено и се делегира во делата, се постигнува спротивен поглед во односот на доминантната  male gaze перспектива со која се обзервира и објаснува светот во патријархатот, ова е нагласено со фактот дека во позиција на набљудуван, а со тоа ранлив, го има поставено жена“.

Уметникот Марко Марковиќ се претставува со монументална инсталација / цртеж изведена како графит на ѕид. Цртежот под име „Лева комора на срцето“ е создаден во 2012 година, по повод неговата самостојна изложба De Humani Corporis Fabrica, на ѕидот на галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград,. По завршувањето на изложбата Марко уредно и педантно го „извади“ цртежот од ѕидот, за истата година повторно да го изложи во Домот на млади на изложбата „Големи очекувања“. Во оваа пригода, по временеска дистанца подолга од деценија, Марко го враќа оригиналниот гипсан ѕид со цртежот, назад на местото каде оригинално настанал. Во фокусот на неговото творештво се анализите и истражувањата на скулптурата и цртежот и нивните автономии. Тој креира фиктивни наративи преку псеудоархеолошки и историско-уметнички извори во функција на провокација на интерпретативни навики и очекувања.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Миодраг Манојловиќ, уметник од Бања Лука, најчесто се бави со цртеж и анимација и истражување на мулти-формните и повеќејазичните начини на комуникација. Низ слики и звукови неговите дела истражуваат и упатуваат на коренот на креацијата и емоцијата, држејќи ја фантазијата на гледачот во неизвесност. На оваа изложба тој се претставува со серија од 163 цртежи / фрејмови од серијата Serenity (Спокој) нацртани со молив на хартија.

Уметникот од помладата генерација Богољуб Ѓоковиќ, на оваа изложба е претставен со серија монументални цртежи на кои се прикажани елементи на пејзаж превземени од сценографија на видео игра, а настанати со испишување на бројки со машина за куцање/пишување. Бесконечните низи на бројки кои градат цртеж по принципите на поинтилистичкото сликарство имаат речиси исповеднички карактер и претставуваат број на часови кои уметникот ги поминал играјќи ја видео играта. Богатството на уметничкиот пристап на Богољуб се забележува во фактот што тој на темата време истовремено и приоѓа од различни аспекти: како серија на интимни белешки на хартија, како на медитативен неоимпресионистички цртеж со виртуелен амбиент, но и со егзистенцијалното сеприсутно прашање: за која дејност/активност вреди да се посвети времето?

Уметницата Лена Милановиќ првенствено ни се обраќа низ поле на геометриска слика со остри ивици која настанува како специфичен вид на пост-дигитална слика. Тргнувајќи од интимни фотографии, уметницата создава ремедијација низ традиционалното сликарство проникнувајќи во длабочината на природата на дигиталната слика и нејзиниот кодиран запис.

Цртежите на хартија на Александар Ракезиќ, реализирани со нестандардна сликарска техника, односно со козметички сенки за очи, прикажуваат рекламни страници од списанието Бурда од осумдесетите години на минатиот век. Ова се продолженија на творечкото континуирано и исцрпно истражување на тема на масовни медиуми и нивното влијание на современите општествени текови. Препознатливиот пристап на Александар се темели на цртачката или сликарска реинтерпретација на комерцијалните слики и фотографии во духот на поп уметноста, со кои тој однова го преиспитува нашето сфаќање за уметничка и неуметничка слика, забележувајќи ги нејзините трансформации и спротивставености низ историјата.

Би сакал да се заблагодарам на сите уметници за учеството, одличната соработка и посветеност во реализацијата на оваа изложба. ФЛУ Апертура 2024 е изложба која не ја илустрира само основната улога на Факултетот за ликовни уметности, туку истовремено ја преиспитува неговата функција денес. Воедно ја повикува нашата институција да не си дозволи да влезе во колотечина, туку да остане отворена за експеримент и авантура која произлегува од постојаната желба за откривање на непознатото и се уште невиденото.

Селектор на изложбата е Немања Николиќ, доцент на Факултет за ликовни уметности во Белград Изложбата ќе биде отворена до 26 ноември.

- Реклама -