Изјавата на Захариева во конкуренција за „Тиква на годината“

„Оние кои се доволно паметни да не се инволвираат во политика се казнети од фактот што тие се владеени од луѓе поглупави од нив самите. Авторот на оваа мисла, Платон, признава дека и самиот бил жртва на својот заклучок. Тој дури и бил принуден да го обучува Тиранинот на Сиракуза – Дионисиј Помладиот. Според древните ракописи, Платон умира во постела додека млада Тракијка му свири на флејта – благонаклонет гест на Судбината кон творецот на западната филозофија и воопшто науката“, пишува бугарскиот (од некои оценет како „антивладин“) портал Фрог Њуз, објаснувајќи ги своите мотиви за воведување на наградата „Тиква на годината“, инспирирана од World Stupidity Awards, воведени во 2003 година од канадскиот фестивал на комедија Just for Laugs, каде меѓу наградуваните се политичари како поранешниот заменик претседател на САД – Дик Чејни, поранешниот претседател на Иран – Махмуд Ахмадинеџад, поранешниот претседател на САД – Џорџ Буш (помладиот) и други, рамо до рамо со џетсетерката Парис Хилтон, пејачката Ешли Симпсон итн.

Како што пишува Frog News, не многу се променило од заклучокот на Платон до денес. „Постојат премногу сомнежи дека глупави луѓе управуваат со светот, а поединечни држави истите не ги намалуваат. Затоа и постои светското рангирање ‘Глупак на годината’, воведено во 2003 година“ (иако во меѓувреме се укинати) посочува порталот, па на своите читатели им предлага да бираат „победници“, или во случајов „Тикви на годината“, во две категории: „Најглупава постапка на годината“ и „Најглупава изјава на годината“.

„Во Бугарија конкуренцијата е огромна, дури и ако се ограничиме во рамките на парламентот и владата, на пример. Но, тука се и политиколозите, новинарите, актерите, спортистите, социолозите, научниците, интелектуалците итн. ‘Тиква на годината’ го очекува вашиот глас“, порачува порталот.

Ние од 365.com.mk воопшто немаме намера да го злоупотребуваме ова признание на Фрог Њуз за поентирање против бугарските политичари. Напротив, целосно се сложуваме со изјавата дури и кога би била наменета исклучиво за Македонија. Впрочем, барем од она што секојдневно имаме прилика да го прочитаме, Бугарија и Македонија веќе се заедно во една своја посебна унија – на глупаците.

Сепак, причината што го пишуваме ова е што „Фрог Њуз“, во меѓувреме, веќе излезе со полуофицијална номинација за „Најглупава изјава“ на годината. Номинираната е министерката за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева, ни помалку ни повеќе, туку поради изјавата дека славењето на Тито е како да го славите Хитлер.

„ …Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесет годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“, изјави Захариева во интервјуто за германскиот Die Welt.

„Многумина сметаа дека интервјуто на Борисов за друг германски весник – ‘Франкфуртер Алгемајне Цајтунг’ е без конкуренција по својата безгранична, автентична простотија, но Захариева прави сериозен обид да го престигне. (Огромни се шансите и да биде вклучена во рангирањето на Фрог Њуз ‘Тиква на годината’). Вистина, се претерува со цитирање на британскиот политичар Винстон Черчил, но ситуацијата наложува да се потсетиме на некои од неговите мисли. Како на пример: ‘Дипломатот е човек кој двапати ќе помисли пред нешто да каже’. Или: ‘Поразот е едно, a посрамотувањето сосема нешто друго’. Захариева ја исполнува смислата и на двата израза“, пишува новинарот Борис Петков за споменатиот бугарски портал.

„Не знам што слушала или читала Захариева, но таму немало ништо за Тито и Југославија. Во спротивно, таа ќе знаеше дека Јосип Броз, познат како Тито, е организатор на југлосвенскиот партизански отпор од 1941 година до крајот на Втората светска војна во 1945 година. Под командата на Тито четите на отпорот војуваат со хитлеровите војски и локалната четничка прохитлеровска армија. Југославија е една од земјите со најмногу жртви во ВСВ по глава на жител (околу 1.7 милиони жртви од 15 милиони население), заедно со Полска и Советскиот Сојуз. Тито е првиот државник што по победата над нацизмот отворено му се спротивстави на Сталин. Направени се неколку обиди да биде убиен, за кои се смета дека се дело на советските тајни служби.

Тито е меѓу создавачите на Движењето на неврзаните држави, кое игра важна улога во Втората светска војна. Се разбира, неговото владеење може да биде критикувано за многу аспекти, но да биде споредуван со Хитлер е глупаво и бесмислено. Зарем Захариева, откако не успеа да стори нешто значајно во спорот со Северна Македонија, реши да го вмеша и Белград во скандалот?

А да зборуваш за германски медиум како е градоначалникот на Берлин да организира чествување на фирерот – тоа е отворена идиотштина“, пишува Петков.

„Захариева задолжително мора да знае дека нештата не секогаш се такви какви што таа си ги претставува. Со други зборови, не секогаш владеел Бојко Борисов, колку и тоа таа да го сака. Освен тоа, судбината на балканските народи и држави чест, да не речам секогаш, била решавана од големите сили. Токму поради тоа Хитлер ја дава на својот сојузник – Царството Бугарија, Вардарска Македонија и делови од Поморавјето според Санстефанскиот договор. На тие територии бугарските војски биле окупатори во секоја смисла.

Што се однесува до Македонците и влијанието на Белград врз нив, може да се каже само едно: југословенската политика ја исполни својата задача. Ако некој во тој период не направил нешто како што требало, тоа се бугарските владетели. Истата немоќ ни боде очи и денес, а Бугарија губи влијание и авторитет.

Навредливо и понижувачко е да се објаснуваат такви работи на министер за надворешни работи. Непростивото незнаење на Захариева е трауматично. Марк Твен веројатно има право кога тврди дека: ‘Ако човек е глупав како дете, веројатноста дека таков ќе остане до крај е многу голема’. Бугарските владетели се на пат неговата мисла да ја доразвијат во теорема…“, пишува Петков за frognews.bg.

ПС. Бидејќи поради преголема конкуренција ние од 365.com.mk не планираме да доделуваме признание како ова на Frog News, ве покануваме слободно да доделувате „тикви“  во коментарите.

- Реклама -