Паралелно со прочуената листа од Топ 10 најбарани криминалци на FBI, бирото има уште една, помалку позната – која следи малку поразличен сет на криминални активности – листата на Топ 10 уметнички криминали.
На третото место во оваа листа се наоѓа кражбата на „Свети Францис и Свети Лоренс“ – џиновска слика од Микеланџело Мериси, познат како Караваџо, која беше исечена од рамката преку олтарот на една црква во Палермо во 1969 година, и оттогаш не е видена.
Сликата „Свети Францис и Свети Лоренс“ е таман приказна за добар крими-трилер, а почнува со егзилот на Караваџо од Рим.
Низ 14-те години, почнувајќи од 1592 кога имал 21 година, Караваџо (роден во Милано) се воспоставил како еден од најголемите сликари во Рим. Тргнал од непознат, а стигнал до слава, жнеејќи ги сите придобивки попат, меѓу кои и наклонетоста на патроните и заштитниците, ама и парите.
Го живеел „американскиот сон на 16-от век“ – уметнички живот на висока нога, но некаде во процесот му се случило она „star gone wild“; Караваџо бил лошото момче на Ренесансата, и имал многу лоши навики и многу лош темперамент.
Една вечер во 1606-тата, случајно убил човек во една од неговите прочуени тепачки. Гласините велат дека сé почнало од расправија околу партија тенис, а работите нагло ескалирале кога Караваџо го извадил мечот (за кој практично немал дозвола да го носи) и фатално го прободел несреќниот тениски противник. Караваџо и онака бил редовен престојувач во затворот, па не чекал уште еднаш да се врати таму по повод последново дело. Наместо тоа, сликарот избегал од градот.
Човек би претпоставил дека вака тешка животна лекција ќе го освести и вразуми Караваџо, дека „ќе го доближи кон Исус“. Но не. Тие четири години, сé до неговата смрт во 1610, Караваџо „роварел“ по селските области на јужна Италија, преселувајќи се од Наполи на Малта, па на Сицилија, оставајќи зад себе бројни прекршоци, купишта лути жртви и избегнати затворски казни.
Во 1609 година, во уште едно од неговите бегства од заточеништвото, Караваџо на кратко завршил во Палермо. Во областа што стана рај за новата генерација ганстери само еден век подоцна, Караваџо главно го поминувал времето во очекување на помилување од Папата, кое требало да го ослободи од егзилот од Рим.
Во меѓувреме, ја насликал „Свети Францис и Свети Лоренс“ – на џиновско платно од 2.7 на 2 метри, Караваџо ја насликал својата верзија за иконската сцена од раѓањето на Исус. Врз типичната за него темна позадина, сликарот го сместува новото бебе на купче од сено во средината на сликата, додека Марија го гледа со медитативен поглед. Опкружени се со полукруг од четворица мажи, од кои еден е изморениот Јосиф, а другите двајца се светците.
Караваџо бил иновативен уметник чиј стил подоцна ќе има голем импакт врз уметниците. Неговите современици биле шокирани од тоа што Караваџо сликал директно на неговите платна, наместо да прави подготвителни скици и цртежи, а користел вистински луѓе како модели за неговите религиски фигури. Неговите слики интензивно се потпираат на chiaroscuro – драматична техника на светло и сенка која Караваџо помогна да се популаризира, како и на доза на реализам. Наместо да ги портретира фигурите со онаа света блаженост како што било норма во тоа време, тој на атмосферата и карактерите во своите слики им давал пореалистичен третман: изморени изрази, нечисти стапала и слични детали. Неговите свети фигури се луѓе со кои обичните луѓе можат да се поврзат.
Кога била комплетирана, „Свети Францис и Свети Лоренс“ била закачена во Ораторијата на Сан Лоренцо во Палермо, каде што висела во наредните 360 години – сé до 17 октомври 1969, кога во стереотипно темната и бурна ноќ, некој (или некои) провалиле во зградата и го исекле платното од неговата рамка.
Најприфатената теорија вели дека Сицилијанската Мафија или стоела зад мастерпланот на кражбата, или дека станала таа што извлекла најголема корист од истата. Многу веруваат дека сликата никогаш не ја напуштила Италија, но до ден денес нема никакви конретни траги или сведоштва за „Свети Францис и Свети Лоренс“. Сликата исчезнала оставајќи само гласини, и цена од 20 милиони долари.
Шпекулации за тоа каде е сликата има секакви. Некои тврдат дека најверојатно била уништена, или при самата кражба или откако била оставена на милост и немилост на стаорците и свињите кога била оставена во некој амбар во Сицилија. Други сметаат дека можеби била уништена или оштетена во земјотресот што го потресе островот во 1980-та година. Трети веруваат дека сепак е во некаде во некое поткровје, можеби и заборавена, или дека нашла дом во приватната колекција на некој купувач на црниот пазар.
Во 1996, властите мислеа дека конечно мрднаа од нула во случајот, кога еден информант од мафијата тврдеше дека ја видел сликата. Францеско Марино Маноја сведочеше дека бил еден од клучните крадци во приказната, и дека го извршил криминалот во име на еден купувач, кој пак се разочарал од лошата состојба и ја одбил сликата, по што платното било ставено некаде во некое поткровје. И покрај петицијата со 1000 потписи што ја потпишаа жителите на Палермо во потрага по одговорот, Маноја никогаш не откри каде смета дека е скриена сликата.
Во 2009-та, еден друг информант инсистираше на теоријата за „амбарот и свињите“. И покрај расположеноста да зборува, многу од експертите се сомневаа во вистинитоста на неговите сведочења, со оглед дека станува збор за поранешен соработник на мафијата.
„Овие момци од мафијата мора да ги измислуваат тие глупости за Караваџо 40 години подоцна, за да го опипаат пулсот и да видат како луѓето ќе реагираат на таа приказна за уништувањето на сликата. Приказната веројатно значи дека сликата е во многу лоша состојба, но дека е доволно зачувана да биде вратена и реставрирана“, вели Чарли Хил – поранешен член на Скотланд Јард и Единицата за антиквитети.
Други сметаат, со оглед на тоа што сликата се нема појавено никаде во последните 47 години откако е украдена, дека „Свети Францис и Свети Лоренс“ одамна е замината во неповрат.
А и самиот Караваџо не помина подобро. По завршувањето на „Свети Францис и Свети Лоренс“, тој се вратил во Наполи, каде што бил сериозно повреден во уште една од неговите тепачки. Неколку месеци подоцна, надевајќи се дека помилувањето од Папата ќе биде пратено наскоро, тој тргнал да се враќа кон Рим. Додека попатно престојувал во Порто Еколе, Караваџо умира, на возраст од 38 години. Причината никогаш не е официјално одредена, но многу веруваат дека умрел од пневмонија или маларија. Три дена подоцна, неговото помилување од Папата конечно пристигнало.
И додека последната позната локација на „Свети Францис и Свети Лоренс“ останува третото место на листата на најбарани на FBI, неодамна беше направена репродукција на истата, користејќи (мала) фотографија со димензии од 4х5 инчи како урнек. Репликата беше презентирана во декември 2015 година, и сега виси во Ораторијата на Сан Лоренцо, на местото на злосторот, чувајќи место за изгубеното ремек дело, ако воопшто некогаш биде најдено.