Ангеловска беше избрана со 64 гласа „за“, додека Џемаили со 61 глас, откако расправата беше завршена. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата собраниската говорница ја искористија и за меѓусебни обвинувања за тоа која партија за време на нејзиното владеење правела повеќе криманал, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.
Тие притоа го спомнуваа актуелниот случај „Рекет“ и масовните прислушувања од пред неколку години, на што спикерот Талат Џафери ги потсети дека седницата е за изборот на министри.
Опозицијата го критикуваше предлогот на премиерот Зоран Заев министерка за финансии да биде Ангеловска, бидејќи според нив таа е една од најсериозните функции во Владата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев денеска повторно ја обвини Ангеловска дека во нејзината компанија биле „делени пари на рака“ и оти за тоа таа не кажала ниту еден збор, а Заев одговори дека компанијата правела аутсорсинг.
Премиерот образложи дека Ангеловска образованието го завршила со висок просек и оти осум години успешно водела компанија.
Тој за Ангеловска претходно рече дека е успешен менаџер во управување со сложени системи и дека покажала оти прогресивни методи во светот може да се применат и кај нас.
Според него, новата министерка за финансии „со своите менаџерски способности дополнително ќе придонесе да се искористи овој многу битен период за нас, како и во максимизирање на ефектите, пред се за граѓаните“, рече Заев.
Претходно Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека голем ризик е да се даде оваа функција на неискусен човек, но ја обвини власта и за лошата состојба во економијата.
Горан Мисовски рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кога немаат аргументи одат со употреба на лична дискриминација.
Други пратеници рекоа дека Ангеловска само формално ќе биде министер за финансии, а функцијата реално ќе ја вршел премиерот Заев.
На обвинувањата на ВМРО-ДПМЕ за економските политики, Заев рече дека тоа се неточни податоци со кои се обидуваат да ги манипулираат граѓаните за финансиската состојба во државата, и дека буџетот е во одлична состојба, а солвентноста огромна.
„Состојбата не само што е добра, туку ќе продолжи да се зајакнува“, рече Заев.
Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нејзините колеги од СДСМ и коалицијата мандатот го поминале во матрицата „што направи ВМРО-ДПМНЕ“, наместо да почнат да работат и да се соочат со реалноста.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ исто така рекоа дека бараат предвремени избори и оти тие ќе бидат во корист на власта, бидејќи секој поминат месец за опозицијата значело еден мандат плус.
Точка на дневен ред во Собранието денеска е и избор на зменици министри. Предложени се Кирил Колемишевски во економија, Елизабета Наумовска во образование и Неџад Мехмедовиќ во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Пратениците треба да избертат и нов вицегувернер на Народната банка за што е предложен Фадил Бајрами.
По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.