Избори на 15 јули, и Заев и Мицкоски ветуваат излез од кризата

15 јули ќе биде ден за гласање, ден за одлуки и за спас на државата од кризата во која влеговме, порача лидерот на СДСМ – Зоран Заев, откако лидерите на двете најголеми политички партии се договорија и соопштија дека ова ќе биде датумот на кој ќе се одржат парламентарните избори.

„За да не страда народот и за да им се овозможи на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност, го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори на кои гарантирано ќе учествува опозицијата. Бараа средината на јули – еве им средина на јули“, напиша Заев, додавајќи:

„Се знае кој и во минатото бил најодговорен пред народот и државата, така и овој пат СДСМ ја покажува својата големина, разбирање и одговорност“.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека на изборите на 15 јули (среда, ќе биде неработен ден) „сето ова ќе престане“, ако опозицијата победи:

„На изборите на 15 јули, среда ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ и заедно со народот ќе го победи изворот на кризата Зоран Заев и СДСМ.

Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ и ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните.

Македонија се наоѓа во лоша состојба, силно нападната покрај економска и со силна здравствена криза. За да сето ова престане еден е излезот, а тоа е убедлив пораз на Заев и СДСМ.

Македонија овие три години не успеа, доживеа порази на економско, здравствено и политичко поле. Време е да се стави крај на сето ова, време е за промени, а Македонија да излезе посилна.

Време е да вратиме за сите криминали, неправди, за сите лаги и измами, тендери и рекети. Заев и неговата свита се готови. Одговорот е кај народот, а тој ќе покаже дека Македонија е посилна од нив!“, напиша Мицкоски.

- Реклама -