Ивановска: Во периодот кога синот на Талат Џафери положил правосуден испит пред да дипломира, предвременото полагање правосуден испит било масовна појава

Предвременото полагање правосуден испит било масовна појава во тоа време, кога и синот на Талат Џафери – Барлет Џафери, положил правосуден испит пред да дипломира, изјави вечерва претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) – Билјана Ивановска, во „Топ Тема“ на „Телма“.

Ивановска вели дека погрешно се толкува во јавноста дека Антикорупциска не отвора предмет за случајот со Барлет Џафери. Проблемот, вели, е не дека не сакаат, туку ограничени се до каде можат да истражуваат.

„Начнавме еден случај, но за жал мислам тоа било масовна појава во тоа време. Привлече уши зашто е син на познат функционер, но веднаш после тој предмет јас кажав за уште еден таков случај, но не допре до јавноста бидејќи не е познат“, рече Ивановска.

Тоа што падна во очи, вели таа, е тоа што воочиле дека во февруари 2015 година Џафери го положил правосудниот испит, а во јули истата година се стекнал со 300 кредити, односно завршил магистерски студии. Сепак, потенцираше Ивановска, не можеле да откријат кој е тој што му дозволил на Барлет Џафери да полага предвреме.

„И тоа е нашиот проблем, затоа за нас постапката застанува тука“, рече Ивановска, додавајќи дека податоци побарале од сите институции и дека таргет за нив се службените лица.

Од тогаш, како што рече, поминати се седум години и делото е застарено. Меѓутоа, додаде, за да покренат каква било иницијатива треба да имаат документ, бидејќи со претпоставка не можат.

„Ние го извадивме случајот на виделина. Во тоа време ова било појава. До мене стигнуваат информации дека многу лица се пријавувале да полагаат предвреме правосуден испит, како да имало сива зона во тој период“, посочи Ивановска.

Затоа, додаде, препораката на ДКСК што произлезе од последната седница, е Министерството за правда на веб-страната да си отвори место со дукументи на сите кои се пријавиле како кандидати за правосуден испит и да не се ништат, додека од инспекторите побарале да утврдат дали се применуваат законските одредби или повторно се прават злоупотреби.

„Ние треба да имаме систем отпорен на непотизам и корупција кој сам ќе ги отфрла. Може тие деца вредат, но може не вредат, а земаат место на тие шти вредат“, рече Ивановска.

Извор: МИА

- Реклама -