Хрватскиот тенисер и поранешен тренер на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, откри интересни детали за соработката со српскиот тениски ас.
Ѓоковиќ под повеќегодишното водство на Иванишевиќ ги оствари најголемите успеси во својата кариера и дополнително го зацврсти статусот на еден од најдобрите тенисери на сите времиња.
Новак и Горан беа тандем од соништата, одлично знаеја што им е потребно во нивниот однос, како за време на натпреварите, така и надвор од теренот.
Иванишевиќ во разговор за хрватскиот портал „24 сата“ одговори на прашањето колку Ѓоковиќ е сличен на него.
„По темпераментот е многу сличен, сличен е менталитетот, просторот, јазикот… Од останатите на врвот го издвојува менталната сила. Кога би наредиле 100 играчи, а да не знаете кој е кој, според тенисот сите би биле многу слични и не би знаеле кој е прв, а кој стоти. Но, кога ќе почне натпреварот, кога ќе дојдат важните удари и поени, тогаш се гледа разликата“, изјави Иванишевиќ.
Не можат сите да го разберат Новак, вели Иванишевиќ.
„Тој е екстрем, генијалец кого не можеш ни да се обидеш да го разбереш, бидејќи ќе се изгубиш.“
Иванишевиќ откри и што му кажал Ѓоковиќ кога ја започнале соработката.
„На почетокот на соработката буквално ми кажа дека со него не може да работи човек кој не може да ги разбере неговите лудории.“




